20/08/2008
Седум години откако Охридскиот договор стави крај на борбите во Македонија, јавните знаци се двојазични. Етничките малцинства уживаат многу поголема застапеност во државната администрација. Сепак, и понатаму има проблеми.
Од Зоран Николовски за Southeast European Times во Скопје -- 20/08/08
![]() Владата ја одбележа седумгодишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. [Toмислав Георгиев] |
Охридскиот рамковен договор, кој влезе во сила во 2001 година, донесе мир, подобра соработка помеѓу етничките заедници и повеќе малцински права во Македонија. Многумина експерти веруваат дека тоа е еден од најуспешните договори во регионот за воспоставување функционална, мултинационална држава.
Претставниците на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ никогаш досега не присуствуваа на претходните одбележувања на годишнините на пактот, во организација на Демократската унија за интеграција (ДУИ), партија на албанското малцинство која произлезе од Ослободителната народна армија (ОНА).
Но, оваа година владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ одржа церемонија на 13-ти август, одбележувајќи ја годишнината. Набљудувачите во ова гледаат напредок кој произлезе од коалицијата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, нешто што до неодамна беше невозможно.
Статистиката покажува големи промени од 2001 година. Процентот на државни службеници од етничките малцинства драстично се зголеми, од 4 на 17 отсто, макар што малцинската застепеност во владата сé уште заостанува во споредба со онаа меѓу општото население. Само етничките Албанци сочинуваат 23 отсто од населението, според пописот од 2002 година.
Промената е видлива насекаде. Албанското знаме законски се вее пред мултиетничките општини. Во градовите каде што малцинствата сочинуваат 20 отсто од населението, сообраќајните знаци и знаците со кои се обележуваат градбите се двојазични или тројазични.
Сепак, експертите сметаат дека најважна карактеристика на овој договор е спречувањето на можната граѓанска војна. Дури и денес се користат различни имиња за она што се случи во Македонија во 2001 година -- бунт, конфликт или ограничен внатрешен конфликт.
Поздравувајќи го пактот поради тоа што донесе мир, Џејмс Пердју, американски посредник во Македонија во текот на летото 2001 година, за скопскиот телевизиски Канал 5 изјави: „Ако [борбите] прераснеа во тотална војна, тоа ќе ја уништеше Македонија како земја“.
Други, пак, посочуваат на долготрајните политички проблеми. Еден од учесниците во мировните разговори во 2001 година, Љубомир Фрчковски од скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, вели дека Скопје допрва треба да го реши прашањето на употребата на албанскиот јазик. Пратениците одлучија да донесат закон за употребата на јазикот, иако договорот не предвидува експлицитно такво нешто.
Владо Поповски, уште еден професор по право, рече дека договорот, иако постигна многу работи, треба допрва да им помогне на внатрешнораселените лица. Овие одредби остануваат неспроведени поради потенцијалот за континуирани немири во селото Арачиново, во близина на Скопје, и Липковскиот регион.
Според владата, има вкупно 771 раселени етничките Македонци од села во западна Македонија. Тие му се пожалија на премиерот Никола Груевски бидејќи не се чувствуваат безбедно да се вратат во своите поранешни домови, дури и по седум години.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's