18/08/2008
Македонскиот премиер Никола Груевски предложи додавање на признавањето на Македонската православна црква и преименувањето на меѓународниот аеродром во Солун, во тековните разговори за спорот околу името. Но, посредникот на ОН Метју Нимиц смета дека овие прашања излегуваат од рамките на разговорите.
Од Зоран Николовски за Southeast European Times во Скопје – 18/08/08
![]() „Има голем број прашања помеѓу двете земји, некои се долгорочни, а некои краткорочни“, рече специјалниот претставник на ОН, Метју Нимиц. [Getty Images] |
Уште еден круг преговори во спорот околу името помеѓу Македонија и Грција се одржа во Њујорк на крајот од минатата недела, но не е постигнат забележлив напредок. На одделните состаноци со македонскиот и грчкиот тим во четвртокот (14-ти август) специјалниот претставник на ОН Метју Нимиц, исто така, разговараше за некои нови идеи околу името, кои страните не сакаат да ги откријат. Некои грчки медиуми објавија непотврдени извештаи дека Нимиц го вратил во игра името „Северна Македонија“ во пет варијанти.
Нимиц остро го отфрли барањето на македонскиот премиер Никола Груевски за вклучување на други прашања во преговорите, како што е признавањето на Македонската православна црква и враќањето на поранешното име на меѓународниот аеродром во Солун, Микра.
„Мојот мандат е проблемот со името. Има и други прашања, и решавањето на главниот проблем со името може да доведе до решавање и на тие спорови“, изјави Нимиц.
Новото писмо на Груевски до генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, во кое предлага да се дискутира за црковното прашање, доби ладен одговор од Грција. Македонските медиуми ја цитираа грчката министерка за надворешни работи, Дора Бакојани: „Очекуваме Скопје да [не] поставува пречки на различни начини и да не ја избегнува суштината на преговорите.“
Нејзината американска колешка, Кондолиза Рајс, рече дека спорот околу името „не треба да застане на патот на приемот на Македонија во НАТО“. Грција, наводно, ја интерпретира нејзината изјава како доказ дека Вашингтон „врши притисок“ НАТО да ја прими Македонија пред американскиот претседател Џорџ В. Буш да ја напушти функцијата.
Македонската православна црква, чие признавање го блокира Српската православна црква, наводно во соработка со моќната Грчка православна црква, ја поздрави иницијативата на Груевски.
Од друга страна, македонскиот претседател Бранко Црвенковски ја доведе во прашање мудроста на потегот на Груевски, велејќи дека Македонската и Српската православна црква треба да го решат проблемот на непризнавањето.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's