14/08/2008
Додека водачите во Приштина и Тирана отфрлаат каква било врска помеѓу конфликтот во Косово и борбата околу Абхазија и Јужна Осетија, Србите се најдоа себеси фатени во дипломатска замка.
Од Линда Карадаку за Southeast European Times во Приштина -- 14/08/08
![]() „Меѓународните конфликти не можат да бидат решени со сила, насилство и кршење на меѓународното право“, рече српскиот министер за Косово, Оливер Ивановиќ. [Б92] |
Косовскиот претседател Фатмир Сејдиу во вторникот (12-ти август) рече дека ситуацијата на неговата земја не може да се споредува со ниту една друга област во светот, вклучително и Абхазија и Јужна Осетија. Сејдиу рече дека Косово е единствен случај, со посебни историски, правни, политички и уставни карактеристики.
„Оние кои се противат на независноста на Косово сакаат да го окарактеризираат Косово како преседан за другите решенија, но јас сметам дека аргументите докажуваат нешто друго“, рече Сејдиу. Вицепремиерот Хајредин Куци го искажа овој став, инсистирајќи на тоа дека Косово „е посебен случај“.
Србија, пак, се најде себеси во дипломатска дилема. Додека Грузија се бори да го потврди својот „територијален интегритет“, а Русија испраќа војници против наводните злосторства, Белград ризикува или да се оддалечи од клучниот сојузник или да ја поткопа својата позиција за Косово.
„Би било логично за Србија да ја искористи ситуацијата во Грузија во својата дипломатска борба против независноста на Косово“, пишуваше на белградската веб-страница Б92 во средата. „Но, ако го направи тоа Белград ќе се најде себеси во замка:
[Тој] ќе мора да го поддржи принципот на територијален интегритет и тоа ќе го доведе во конфликт со властите во Москва, на чија поддршка Белград смета во Советот за безбедност на ОН“. Поддршката за Јужна Осетија и Русија, пак, „ќе ги поткопа аргументите на Белград против независноста на Косово“, пишува Б92.
Српскиот министер за Косово, Оливер Ивановиќ, посочи дека светот мора да ја научи „лекцијата“ од двата конфликти. „Меѓународните конфликти не може да се решат со сила, насилство и кршење на меѓународното право“, рече тој.
Според косовскиот аналитичар, Илир Дуголи, пак, случаите на Грузија и Косово се сосема различни. „Паралелите за тоа се погрешни“, рече тој.
„Косово имаше еднаква застапеност во поранешната Југословенска Федерација. Тоа беше меѓународен протекторат што чека да го реши својот конечен статус. Волјата на косовскиот народ за независност е неоспорна, дури и за оние кои не ја сакаат или не се согласуваат [со] истата“, рече Дуголи, член на Косовскиот институт за истражување и развој на политиката.
Косовскиот сосед Албанија, пак, ја поддржува Грузија врз основа на територијалниот интегритет, истовремено инсистирајќи на тоа дека Косово е посебен случај. Тирана целосно го поддржува интегритетот и суверенитетот на Грузија и отфрла какви било паралели со Косово, рече албанскиот премиер Сали Бериша. Малцинствата не можат да се искористат како оправдување за воена интервенција, додаде тој. „Насекаде има малцинства и ако се користат малцинствата, ако се користи воената сила, тогаш меѓународниот поредок е во сериозна опасност.“
Министерството за надворешни работи ги повика сите страни да избегнуваат понатамошни ескалации.