05/08/2008
Голем број туристи пристигнаа на албанското крајбрежје оваа година. Главни атракции се неискористените плажи и добрата храна.
Од Јонилда Коци за Southeast European Times во Тирана -- 05/08/08
![]() Туризмот сé повеќе станува главниот столб на економскиот раст на Албанија. [Getty Images] |
Во последниве години, сé повеќе странски туристи ја посетуваат Албанија. Земјата стана регионална туристичка атракција откако се ослободи од својата долготрајна изолација од времето на комунизмот, за време на која падна во заборав.
Меѓу населените плажи на Драч и Валона, Албанија нуди неискористени делови на северното и јужното крајбрежје од Јадранското и Јонското Море, кои привлекуваат поголем интерес помеѓу странските туристи.
Статистичките податоци од јуни покажуваат пораст од 20 отсто во туристичките посети на Албанија во споредба со истиот период минатата година. Очекувањата се големи за јуни и јули, кои се сметаат за шпиц на летната сезона.
„Оваа година во Албанија пристигнуваат повеќе туристи и нивниот број е во константен пораст во изминативе неколку години“, рече министерот за туризам, Или Панго, на прес-конференција.
Посетителите од Косово го сочинуваат најголемиот дел од туристите. Нивната бројка се зголеми за 43 отсто оваа година, според официјални извори. Исто така, има за 42 отсто повеќе туристи од Македонија отколку истиот период минатата година.
Околу 90 отсто од албанските туристи се Европејци, од кои 70 отсто влегуваат во земјата по пат, што претставува голем предизвик. Квалитетот на патиштата и услугите останува суштински проблем во развојот.
„Зголемувањето на сместувачкиот капацитет и квалитетот на услугите остануваат главни предизвици за албанскиот туризам“, рече Панго.
Aлбанските претприемачи се свесни дека нивната инфраструктура и понатаму е еден од најголемите проблеми. „Споредните патишта до плажите и понатаму се многу проблематични, иако цената на нивното градење или обновување е ирелеванта“, рече Садик Малај, шеф на Албанскиот сојуз на туроператори.
Сепак, владата го промовира овој сектор и најави планови за претстојните одморалишта. Претприемачи од Дубаи и Катар изразија заинтересираност за финансирање на значителен развој на Заливот Лалзи, рече Панго.
Покрај ова, францускиот синџир „Клаб мед“ планира да изгради околу 350 луксузни вили што ќе гледаат на Заливот Какоме, инвестирајќи 75 милиони евра.
Една од најсилните точки на албанскиот туристички сектор е локалната кујна, примамлива мешавина на грчкото и турското влијание.
Според Банката на Албанија, туристичкиот сектор привлекол 170 милиони евра во 2007 година, станувајќи главен мотор на националниот економски раст.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's