Турција се надева дека ова ќе биде нејзина најдобра Олимпијада досега

31/07/2008

Турскиот олимписки тим се надева дека ќе биде меѓу 20-те највисоко пласирани земји на крајот од Игрите во Пекинг. Највеќе надежи за злато носат категориите кревање тегови, борење и таеквондо.

Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 31/07/08

photo

Турската кревачка на тегови Нурчан Тајлан е меѓу најнадежните од својата земја за освојување злато во Пекинг. [Getty Images]

Турција ги положува своите надежи за медал на своите светски шампиони во борење, кревање тегови и таеквондо за време на Олимпијадата во Пекинг. „Мислам дека можеме да освоиме пет златни медали, пет сребрени и пет бронзени и да завршиме ... помеѓу најдобрите 20 земји“, рече шефот на Дирекцијата за млади и спорт, Мехмет Аталај.

На Игрите во Атина во 2004 година турскиот тим од 66 члена освои десет медали: три златни во кревање тегови, три сребрени во борење, таеквондо и бокс, и четири бронзени медали во другите дисциплини. Таа се пласираше на 22-рото место на крајот од Олимпијадата.

Турскиот тим за Пекинг има вкупно 68 спортисти во 12 различни дисциплини. Десет жени и шест мажи ќе се натпреваруваат во атлетика. Елван Абејлегесе, кој освои сребрен медал на светскиот шампионат во 2007 година во трката на 10.000 метри, ќе се натпреварува за медал во трката на 5.000 метри во Пекинг.

Турскиот шампион во кревање тегови Наим Сулејманоглу -- „Џебниот Херкулес“ -- помогна да се чуе за земјата на Олимпијадата. Сто четириесет и пет сантиметри високиот спортист досега освоил три олимписки златни медали (1988, 1992 и 1996 година), победил на седум светски шампионати и шест европски шампионати и држи 46 светски рекорди.

Сега, двајца надежни кревачи на тегови ја продолжуваат неговата традиција, Танер Сагир, кој освои златен медал во категоријата за 77 килограми во Атина, и Нурчан Тајлан, кој освои злато во категоријата за 48 килограми за жени истата година. Двајцата повторно се надеваат на злато во Пекинг.

Турција, исто така, има големи надежи за своите 13 борачи. Борењето е важен спорт за Турција, од Игрите во Берлин во 1936 година, кога Јашар Еркан освои златен медал за Турција. Оттогаш десетина турски борачи освоија олимписки медали.

Во таеквондо Бахри и Азизе Танрикулу, кои се брат и сестра, се надеваат дека ќе додадат олимписки златни медали во своите колекции. Бахри освои сребро во категоријата за мажи до 80 килограми во Атина. Азизе освои златен медал во категоријата за жени до 63 килограми на Европскиот шампионат во 2005 година.

Едно од имињата што се изненадување во турскиот олимписки тим е 14-годишниот пливач Едиз Јилдиример -- најмладиот спортист во олимписката историја на Турција. Тој се пласираше на првото место во слободен стил на 1.5000 метри на светскиот шампионат во неговата возрасна група. „Тоа ќе биде одлично искуство за мене. Мојата вистинска цел е да освојам златен [медал] на Олимписките игри во 2012 година“, рече Јилдиример.

Турција се надева на повеќе од добар олимписки настап -- солидните резултати ќе се одразат добро на земјата во целина. Иако Истанбул ја пропушти шансата да биде домаќин на Олимписките игри во 2008 година, градот е нестрплив да биде домаќин на Олимпијадата во 2020 година.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading