31/07/2008
Македонскиот премиер Никола Груевски ја засили својата кампања чија цел е Атина да го признае постоењето на етничкото македонско малцинство во Грција, испраќајќи им писма на меѓународните тела како што се НАТО и ОБСЕ.
Од Зоран Николовски за Southeast European Times во Скопје -- 31/07/08
![]() Малцинските прашања се примарна одговорност на земјите-членки на ЕУ, напиша претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо. [Getty Images] |
По своите претходно барања до ЕК и грчкиот премиер, македонскиот премиер Никола Груевски во средата (30-ти јули) испрати писма до НАТО, ОБСЕ, членките на Советот за безбедност на ОН и земјите од Г-8, барајќи од нив да извршат притисок врз Грција да го признае постоењето на етничкото македонско малцинство во своите граници.
Грчката политика е на став дека нема основа за опишување на говорителите на словенскиот јазик што живеат во северна Грција како „македонска“ етничка група.
Груевски испрати слични писма, претходно во јули, до претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, грчкиот премиер Костас Караманлис и генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун.
Во своето писмо до Баросо, Груевски напиша дека грчките власти со години им ги оспоруваат правата на Македонците и нивниот идентитет, што е спротивно на меѓународното право. Тој го повика претседателот на ЕК да обезбеди заштита на правото на слободно изразување на етничката припадност во Грција. „Ние очекуваме Грција, како членка на ЕУ и НАТО да почне со исполнување на препораките на Европската комисија“, напиша Груевски.
Иако ЕК е силен поддржувач на основните права и слободи, ЕУ не може да се занимава со прашања како што се: идентитетот на малцинствата, нивните права, стекнувањето државјанство и враќањето на имотите, што се наметнуваат во нејзините земји-членки, одговори Баросо на 25-ти јули.
Според Баросо, малцинските прашања се примарна одговорност на земјите-членки. Баросо вели дека жали што двете земји го имаат овој билатерален проблем. Основниот аспект на европската ориентација е пристапувањето кон ваквите прашања во конструктивен дух и дух на соработка, отвореност кон дијалогот и изнаоѓање на договорен пат за напред, советува тој.
Одржувањето на добрососедските односи и понатаму е од суштинска важност за напредокот на Македонија кон ЕУ, додаде тој.
По добивањето на одговорот, Груевски рече дека Македонија ќе продолжи да лобира во меѓународната заедница за правото на македонското население во Грција.
Во дополнителен обид за добивање поддршка од меѓународната заедница, македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, му напиша писмо на комесарот на ЕК за мултилингвизам, Леонард Орбан.
„Грција не ја почитува лингвистичката разновидност на македонското малцинство. Овој проблем е елабориран во извештаите на ЕК за расизам и нетолеранција, како и во извештаите на Грчкиот хелсиншки комитет и другите невладини организации“, напиша Милошоски.
Иако многумина велат дека ЕУ има моќ над ова прашање, други велат дека моќта лежи во Советот на Европа. Како и другите, и тој одговори истакнувајќи дека Грција не ги признава малцинствата на својата територија.
Караманлис рече дека Атина нема намера да разговара за вакви прашања, кои рече дека излегуваат од рамките на тековните напори за решавање на долготрајниот спор околу името помеѓу Грција и Македонија. Тој истакнува дека ако постојат имотни прашања, поединците може да се жалат пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's