Во Косово издадени првите пасоши

31/07/2008

Косовските власти во средата (30-ти јули) го издадоа првиот пасош на својата млада држава. Сопствениците на овие пасоши може да патуваат во земјите што ја признаа независноста на Косово, плус Македонија и Црна Гора.

Од Линда Карадаку за Southeast European Times во Приштина -- 31/07/08

photo

Косовскиот премиер Хашим Тачи (десно) во средата (30-ти јули) й го предава првиот косовски пасош на етничката Албанка Теута Беголи. [Лаура Хасани]

Една млада Косовка во средата (30-ти јули) го доби првиот пасош издаден од младата власт во Приштина. Теута Беголи го доби првиот од околу 400 косовски пасоши што владата ќе ги издаде оваа недела, наместо досегашните патнички документи на УНМИК. Премиерот Хашим Тачи й го предаде во средата, велејќи дека жителите на Косово сега имаат „сопствен идентитет“.

„Ова претставува нова фаза за Косово“, рече тој, велејќи дека 30-ти јули е историски ден за народот на Косово и комплетирање на процесот на градење на државата.

Голем број косовски граѓани аплицираа за пасошите и тој процес се очекува да продолжи со голема брзина.

Властите ги обелоденија пасошите на 14-ти март. Новите пасоши, кои се издаваат во четири класи, го имаат грбот на Република Косово. Тие содржат информации на албански, англиски и српски јазик. Ги изработува „Гиесецке унд девриент ГмбХ“ од Лајпциг, Германија.

Косовските граѓани со овие документи сега ќе може да патуваат во земјите што ја признаа независноста на Косово, плус Македонија и Црна Гора.

УНМИК, кој управуваше во Косово скоро десет години, минатата недела објави дека одлучил да прекине со издавањето на патните документи на кои се потпираа косовските граѓани од крајот на војната. Косовскиот пасош е со важност од десет години за оние на возраст над 18 години. За децата периодот на важност е покус. Пасошот ги исполнува европските безбедносни стандарди.

Илбер, 40-годишен жител на Приштина, вели дека многу му значи да има косовски пасош. „Тоа е како да имаш реален, конкретен знак за независноста и државноста на Косово“, рече тој.

Косовските Албанци имаа тешкотии да патуваат во странство од крајот на војната, кога српските сили протераа скоро милион Албанци од Косово и им ги одзедоа нивните документи за лична идентификација. Косовските Срби не ги разменија своите српски пасоши за патничките документи на УНМИК, а косовскиот закон им дозволува да имаат двојно државјанство.

Белград јасно стави до знаење дека нема да ги прифати новите косовски пасоши. Србија сé уште го смета Косово за своја сопствена територија.

Српското Министерство за внатрешни работи нема да ги признае косовските печати на пасошите на луѓето што ќе патуваат за Србија од Косово. Српските погранични власти мора да ги пречкртаат таквите печати во пасошите на странците ако се обидат да патуваат од Косово за Србија, објави белградската новинска агенција Бета. Тие, исто така, мора да го стават пограничниот печат на Република Србија покрај пречкртаниот косовски печат.

Косово доби дипломатско признавање од 43 земји откако прогласи независност на 17-ти февруари. Сега се обидува да го зголеми тој број.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading