31/07/2008
Одлуката на Уставниот суд да не се забранува владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) за наводни исламски активности, претставуваше извесно олеснување за АКП. Но, партијата изгуби значителен дел од владините финансии.
Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times во Анкара -- 31/07/08
![]() „[AКП], која никогаш не била средиште на антисекуларни активности, ќе продолжи да ги брани основните принципи на републиката“, рече турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган. [Getty Images] |
Највисокиот суд во Турција во средата (30-ти јули) пресуди против забранување на владејачката партија со исламски корени, Партија на правдата и развојот (АКП). Сепак, десет од 11 судии рекоа дека партијата станала централна точка на антисекуларни активности и дека й треба силно предупредување. Тие скратија половина од нејзините владини финансии.
Најголема земја-кандидат за ЕУ, Турција ја зафати голема политичка криза на почетокот од март, кога нејзиниот главен обвинител побара од Уставниот суд да ја забрани владејачката партија. АКП победи на изборите во јули 2007 година на импресивен начин, но нејзиниот контроверзен чекор со кој беше дозволено носење исламски шамии на универзитетите, предизвика криза.
Премиерот Реџеп Тајип Ердоган ја поздрави одлуката на Уставниот суд. „Турција потроши премногу време и енергија на овој случај“, рече Ердоган. Тој додаде дека АКП ќе продолжи да „ги брани основните принципи на републиката“.
Главниот опозициски водач во Турција и шеф на секуларната Републиканска народна партија (ЦХП), Дениз Бајкал, пак, ја интерпретираше одлуката на судот како силна порака до АКП. „Десет судии ја опишаа АКП како средиште на антисекуларни активности и тоа е важно“, истакна Бајкал.
Началникот на Генералштабот, Јашар Бујуканит, рече: „Нема промена на ставот на [војската] во врска со секуларизмот. Но, како војник, не очекувајте од мене да коментирам за одлуката на највисокиот суд.“ Војската традиционално се смета себеси за чувар на секуларниот систем на Турција.
Набљудувачите во Анкара велат дека пресудата ја спречила понатамошната политичка нестабилност во Турција, истовремено потсетувајќи ја АКП за уставните ограничувања на нејзините овластувања.
Меѓународните набљудувачи ја поздравија пресудата. Комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, рече дека истата го покажува влијанието на европските вредности врз Турција и ја повика земјата да ги забрза реформите за исполнување на стандардите на ЕУ. Кристина Галах, портпарол на шефот за безбедност на ЕУ, Хавиер Солана, изрази надеж дека одлуката ќе помогне за „[враќање] на политичката стабилност“.
Судот им забрани на другите партии да имаат исламски агенди. Пресудата од средата беше прва со која се прекорува една партија, наместо да се забрани, и покрај тоа што судиите утврдиле неуставни активности на партијата.
За забрана на една партија потребна е согласност од седум од 11-те судии на судот. Само шест судии беа за забрана на АКП. Четворица се согласија дека АКП стана „централна точка на антисекуларни активности“, но сметаа дека степенот на нејзините прекршувања заслужува предупредување, а не укинување. Главниот судија Хасим Килич беше единствениот судија кој не се согласи со тврдењето на обвинителот дека АКП е врска за ваквите активности.
Килич изрази незадоволство од тоа што во последно време мораше да се занимава со неколку случаи за забрана на политички партии и рече дека сега е редот на политичарите да направат консензус околу тоа како да се постигнат повисоки демократски стандарди.