Турција гаѓа терористички цели во северен Ирак

30/07/2008

Неколку дена по двојниот бомбашки напад во Истанбул, турската војска вели дека спровела воздушен напад за искоренување на терористите на ПКК.

Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 30/07/08

photo

Полицајците го опколија местото на еден од бомбашките напади во понеделникот (28-ми јули) во Истанбул. [Getty Images]

Турција во вторникот (29-ти јули) испрати воени авиони да ги нападнат терористите на Курдистанската работничка партија (ПКК), кои се кријат во северен Ирак. Овој потег следеше по двојниот бомбашки напад во неделата, во кој загинаа 17 луѓе во Истанбул.

Во соопштението, турскиот Генералштаб вели дека воените авиони уништиле пештера која се користела како засолниште од страна на терористите на планината Ќандил, при што загинале околу 40 милитанти на ПКК во и надвор од пештерата. Друга цел во регионот Заб беше погодена истиот ден.

Сепак, портпаролот на ПКК во регионот даде спротивна проценка од Турција, кажувајќи им на меѓународните новински агенции дека ниту еден од нејзините членови не загинал во нападот.

Во понеделникот началникот на турскиот Генералштаб, генерал Јашар Бујуканит, вети дека оние што се одговорни за бомбашките напади во Истанбул -- најсмртоносен напад врз цивили во последниве години -- ќе одговараат за своите постапки. Турските власти рекоа дека нивната истрага се фокусира на ПКК и други вакви групи.

ПКК негира каква било поврзаност. Нејзината наследничка организација, Конгра-Гел, издаде соопштение во кое го осудува насилството врз цивилите и тврди дека „Курдистанското движење за слобода“ имало улога во нападите. Но, пред две години група поврзана со ПКК, позната како „Курдистански соколи на слободата“ ја презеде одговорноста за нападите врз цивили во Истанбул и Анталија.

Прокурдистанската Партија за демократско општество (ДТП), исто така, издаде осуда. Нејзиниот претседател, Емине Ајна, тврди дека зад експлозиите стои таинствена група која се нарекува Ергенекон .

Осумдесет и осум осомничени, вклучително и пензионирани армиски офицери, мафијаши, академици и политичари, се уапсени за наводно основање на Ергенекон со цел вршење политички атентати и создавање „длабока држава“ во Турција.

Премиерот Реџеп Тајип Ердоган уште еднаш ги осуди нападите за време на јавното обраќање во градот Сакарја во вторникот, но не именуваше некоја конкретна организација. „Тероризмот нема вера и нема нација, без оглед дали доаѓа од десно или од лево“, рече тој. „Ние треба да бидеме обединети како нација во искоренувањето на тероризмот од почвата на нашата земја“, додаде тој.

Главниот опозициски водач во Турција, Дениз Бајкал, повика на тивки демонстрации низ целата земја за осуда на тероризмот, слични на оние што се одржаа во Шпанија во 2004 година.

Но, Акин Озчеви, поранешен дипломат и експерт за Шпанија, вели дека такви масовни демонстрации ќе имаат малку значење ако не можат сите политички партии во Турција да седнат и да се договорат за широк план за елиминирање на заканата од тероризмот.

И покрај повиците за национално единство против тероризмот, премиерот и главниот опозициски водач и понатаму се расправаат поради тековните политички тензии. Ердоган и Бајкал истовремено беа во ВИП одделот на еден аеродром во понеделникот, но не разговараа.

„Оддалеченоста помеѓу нив беше само 10 метри. Тешко ли им беше да направат пет чекори напред и да се поздрават?“, пишува Ертургул Озкок, главниот уредник на Хуријет. „Тоа е најочајнички потребната работа за нас денес.“

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading