На осомничените од Ергенекон ќе им се суди во Турција

29/07/2008

По шокантните наводи во истрагата поддржана од владата група од пензионирани армиски офицери, мафијашки фигури, академици, политичари и новинари се соочуваат со обвиненија дека планирале бројни атентати и бомбашки напади. Истанбулскиот суд ќе расправа за случајот во октомври.

Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 29/07/08

photo

Пензионираниот бригаден генерал Вели Кучук се соочува со обвиненија дека наредил најразлични атентати. [AФП]

По 13-месечната истрага обвинителите во петокот (25-ти јули) го објавија обвинението за Ергенекон на 2.455 страници. Тринаесеттиот оддел на Истанбулскиот суд за сериозни кривични дела се согласи да расправа за случајот. Поради обемот на обвинувањата, судењето ќе започне во октомври. Набљудувачите очекуваат истото да трае со месеци.

Обвинението содржи точки против 86 осомничени, вклучително и пензионирани армиски офицери, членови на мафијата, академици и политичари. Писатели и новинари, вклучително и остри критичари на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП), со исламски корени, исто така се соочуваат со обвиненија. Обвинението накусо ги опфаќа и 20-те други осомничени уапсени на почетокот од јули, вклучително и пензионираниот генерал со четири ѕвездички Хурсит Толон и Сенер Ерјугур. Набљудувачите очекуваат уште едно обвинение за генералите, за наводен заговор за соборување на владата на АКП.

Осомничените, наводно, основале „терористичка организација“ чија цел била да стане „длабока држава“ на Турција. Обвинителите не го идентификуваа нивниот наводен „главен мозок“, но осомничениот број два на групата, пензионираниот бригаден генерал Вели Кучук, се соочува со обвиненија дека наредил најразлични атентати и напади -- вклучително и минатогодишното пукање во Државниот совет и нападот со рачна граната на седиштето во Истанбул на секуларниот весник Чумхуријет.

Според обвинителите, некои нерешени убиства во последната деценија имаат врска со Кучук и Ергенекон. Според обвинението, меѓу нив се убиствата на некои прокурдски активисти, писателот Неџип Хаблемитоглу во 2002 година, бизнисменот Оздемир Сабанчи во 1995 година и поранешниот жандармериски генерал Ешреф Билтис во 1993 година.

Членовите на групата, наводно, разговарале за атентат врз премиерот Реџеп Тајип Ердоган, началникот на Генералштабот, Јашар Бујуканит, и турскиот романсиер и добитник на Нобеловата награда, Орхан Памук, според обвинението. Наводната цел била предизвикување хаос и поттикнување на воено соборување на владата на АКП.

Групата Ергенекон, наводно, имала контакти со другите терористички групи, како што е марксистичко-ленинистичката ПКК и исламската турска Хизбулах.

Обвинителите тврдат дека групата имала, покрај оперативната единица за ветерани на војската, други единици кои имале за цел контрола на невладините организации, медиумите и бирократијата.

Колумнистот на весикот Mилијет Хасан Ќемал рече дека судењето ќе биде пресвртница за демократијата и владеењето на правото. „Не знам каков ќе биде крајот на овој судски процес. Но, поднесувањето на обвинението е, само по себе, важна пресвртница“, пишува тој во својата колумна.

Халук Сахин, од Радикал, пак, ја критикува погрешната информација во медиумите. Тој рече дека, иако обвинението содржи сериозен доказ за криминални активности, истото вклучува нејасни и неконзистентни обвинувања.

„Судот сега мора да прави разлика помеѓу членовите на една терористичка организација, ако постои таква, и опозициските новинари и размислувачи“, рече Сахин.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading