28/07/2008
Седумнаесет лица загинаа, а повеќе од 150 беа повредени во експлозиите на бомби на една улица во Истанбул во неделата вечер. Турските власти ја фокусираат својата истрага на терористичката Курдистанска работничка партија.
Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 28/07/08
![]() Првата експлозија се случила на фрекфентна пешачка улица во областа Гунгорен. Втората, многу поголема од првата, се случила откако се насобрал народ. [AФП] |
Две координирани бомби експлодираа на фрекфентна улица во Истанбул во неделата (27-ми јули), при што загинаа најмалку 17 лица, од кои пет деца, а повеќе од 150 беа повредени.
Цел на бомбашките напади во неделата биле цивили во фрекфентната област Гунгорен во Истанбул. Кога се случила експлозијата, улицата била преполна со пешаци.
Според сведоците, првата направа била мала распрснувачка бомба. Втората бомба експлодирала на 50 метри оддалеченост, предизвикувајќи жртви помеѓу народот што се насобрал на местото на првата експлозија. Експертите го сметаат ваквото темпирање за вообичаена терористичка тактика.
Ниту една група не ја презеде веднаш одговорноста за нападот, но безбедносните власти ја фокусираат својата истрага на терористичката Курдистанска работничка партија (ПКК), која е погодена од интензивираните турски воздушни и копнени офанзиви. Гувернерот на Истанбул, Муамер Гулер за новинарите во понеделникот изјави дека истрагата е фокусирана на ПКК.
Но, новинарот Намик Дурукан од весникот Mилијет, кој детално ги следи активностите на ПКК, вели дека ваквите бомбашки напади не се типични за оваа група. Зубејир Ајдар од организацијата што ја наследи ПКК, Конгра Гел, ја негираше изјавата за каква било поврзаност со нападот, осудувајќи го насилството врз цивили.
Турските безбедносни власти се сомневаат дека младата и порадикална група која оперира под покровителство на ПКК, Курдистански соколи на слободата (ТАК), или друга нова радикална група може да се виновни. Во 2006 година ТАК ја презеде одговорноста за нападите врз цивили во Истанбул и Анталија.
Турскиот печат на крајот од минатата година објави извештаи во кои се цитираа безбедносните власти кои предупредуваа дека ТАК добива наредби од ПКК да започне сензационални безобѕирно терористички напади во внатрешноста на Турција. Според предупредувањето во тоа време, групата имала за цел да поттикне турско-курдска цивилна војна напаѓајќи цивилни цели како и истакнати јавни личности. Турската полиција на крајот од минатата година уапси еден припадник на ПКК со 3,5 килограми експлозив А-4, пред да успее да го детонира во една истанбулска станица на подземната железница. Соединетите Држави во јануари ја прогласија ТАК за терористичка група поврзана со ПКК.
Американската амбасада во Анкара остро го осуди нападот од неделата во Истанбул. „Нема оправдување за убивањето невини луѓе. Ние и понатаму го поддржуваме нашиот сојузник, Турција, во борбата против тероризмот“, вели амбасадата во писмената изјава.
Премиерот Реџеп Тајип Ердоган го откажа состанокот на владата во понеделникот и ја посети областа Гунгорен, каде што повика на национално единство со цел понатамошно изолирање на терористите. Тој, исто така, ги критикуваше турските медиуми што објавија многу сликовити фотографии, за кои рече дека ќе й помогнат на терористичката пропаганда.
„Ние се бориме со тероризмот 30, 35 години ... Оваа борба ќе продолжи додека не ја добиеме“, рече тој.