25/07/2008
Пензионираниот хрватски генерал Анте Готовина беше уапсен во декември 2005 година, по четири години бегање од властите.
(Разни извори)
![]() Пензионираниот генерал Анте Готовина беше уапсен на Канарските Острови на 7-ми декември 2005 година. [Архива] |
Пензионираниот хрватски генерал Анте Готовина беше уапсен на шпанските Канарски Острови на 7-ми декември 2005 година и екстрадиран во Хаг следниот ден. Тој се наоѓаше во бегство од јуни 2001 година, исчезнувајќи набргу откако Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) го обвини за неговата наводна вмешаност во злосторствата извршени врз краинските Срби кон крајот на конфликтот во Хрватска во периодот 1991-1995 година.
Готовина беше еден од најбараните бегалци обвинети за воени злосторства од балканските конфликти во 1990-тите, заедно со поранешниот водач на босанските Срби Радован Караџиќ и неговиот воен командант, Ратко Младиќ.
Готовина беше обвинет од МКТЈ за неговата улога во операцијата Бура. Хрватска започна воена офанзива, наречена операција Бура, на 4-ти август 1995 година, за враќање на контролата над регионот Краина, кој српските сепаратисти го зазедоа во 1991 година. Во текот на неколкудневната операција и акциите што следеа сé до 15-ти ноември 1995 година, Готовина командувал со Сплитската оперативна зона на хрватската армија. Во таа улога, тој применил де факто и де јуре команда и контрола над сите хрватски сили распоредени како дел од операцијата Бура во јужниот дел од регионот Краина, наведуваат обвинителите на ОН во изменетото обвинение против Готовина, кое беше обелоденето во март 2004 година.
Обвинението го товари по четири точки за злосторства против човештвото и три точки за кршење на законите или обичаите на војувањето, за прогон, убиства, пљачкосување имот, намерно уништување на градови и села, депортација и други нехумани дејства, наводно, извршени за време на операцијата. Според МКТЈ, Готовина сноси индивидуална одговорност за овие злосторства, вклучително и за незаконските убиства на најмалку 150 Срби од Краина. Околу 200.000 краински Срби, наводно, се раселени како резултат на офанзивата на хрватската армија и акциите што следеле.
Според обвинителите на ОН, Готовина -- дејствувајќи индивидуално или во координација со други, вклучително и Иван Чермак, Младен Маркач и поранешниот хрватски претседател Фрањо Туѓман -- учествувал во заедничко криминално дејствување чија цел била присилно и трајно отстранување на српското население од регионот Краина. Како дел од тоа дејствување тој го „планирал, поттикнувал, наредувал, извршувал или на друг начин помагал и го поттикнувал планирањето, подготвувањето или извршувањето“ на наводните злосторства.
Обвинителите, исто така, тврдар дека иако знаел или имал причина да знае, дека неговите подредени ќе ги извршат злосторствата наведени во обвинението или дека го сториле тоа, Готовина не го спречил случувањето на овие дејства или не ги казнил извршителите. Покрај ова, тој не ја исполнил целосно својата должност да го врати и загарантира јавниот ред и безбедност во регионот, вклучително и во главниот град Книн и околните општини.
Готовина е роден на 12-ти октомври 1955 година на хрватскиот остров Пасман во општина Задар. Професионален војник, тој станал дел од француската Легија на странци во 1973 година и го подигнал рангот до главен каплар. Потоа работел за приватни претпријатија за обезбедување во Франција, од кои некои имале врски со екстремно десничарските политички движења. Тој, исто така, се судрил и со законот. Полициските досиеја покажуваат налози за негово апсење во врска со грабеж и изнудување, и во 1986 година тој добил петгодишна затворска казна -- иако е ослободен една година подоцна, под нејаснии околности.
Во 1991 година Готовина се вратил во Хрватска. Тој се приклучил на Националната гарда како шеф на операциите и обуката за нејзината Прва бригада. Од февруари до април 1992 година Готовина е заменик-командант на Специјалната единица на Генералштабот на хрватската армија, по што добил шестмесечен ангажман во хрватскиот Совет за одбрана.
Во октомври 1992 година тој станува командант на Сплитската оперативна зона на хрватската армија, подоцна наименувана како Сплитска воена област, и останал на таа позиција до март 1996 година. Во меѓувреме, тој бил унапреден од бригадир во генерал-мајор, а потоа и во генерал-полковник.
Во март 1996 година Туѓман, кој беше претседател на Хрватска во тоа време, го назначил Готовина за шеф на Хрватскиот армиски инспекторат. Готовина е отпуштен на 29-ти септември 2000 година од Стипе Месиќ, кој победи на хрватските претседателски избори во февруари истата година.
Во извештајот до Советот за безбедност на ОН на 23-ти ноември 2004 година, тогашната главна обвинителка на МКТЈ, Карла дел Понте, рече дека поранешниот генерал исчезнал во јуни 2001 година, откако хрватските власти го информирале дека постои запечатено обвинение против него.
По исчезнувањето, започнуваат шпекулации и контроверзност за тоа каде се наоѓа Готовина. Вршејќи притисок врз Загреб за апсење и предавање на бегалецот на МКТЈ, Дел Понте инсистира на тоа дека сведоци го забележале во Хрватска во бројни прилики. Таа, исто така, наведе дека „доброорганизирана мрежа, вклучително и во самите државни институции“, му помага да избега од правдата.
Хрватските власти, кои во најразлични прилики јавно го повикуваа Готовина да му се предаде на Трибуналот, останаа на ставот дека тој избегал од земјата, но ветија дека ќе го уапсат ако го пронајдат.
Според извештаите на медиумите во февруари 2004 година Готовина -- кој добил француско државјанство по неговата служба во Легијата -- отворено живеел во југоисточна Франција. Потоа тој, наводно, некое време живеел во градовите Ница и Екс ан Прованс во јужна Франција и патувал низ Јужна Америка и на други места.
„Тој ужива заштита од мафијата, дури и од локалното население. Тој може да живее без да мора да се крие, тој дури може да патува и надвор од земјата без некои големи проблеми“, пишуваше францускиот весник Ле Монд, во извештајот од октомври 2003 година на ДСТ, Француската разузнавачка агенција. По неговото фаќање, испитувањето на неговиот пасош покажа печати и од некои далечни места, како Кина и Тахити.