Србија доби пофалби за апсењето на Караџиќ и повик да го фати Младиќ

24/07/2008

Упатувајќи пофалби до српските власти за апсењето на Радован Караџиќ, водачите во регионот го повикаа Белград да ги фати преостанатите бегалци обвинети за воени злосторства во балканските конфликти во 1990-тите.

(AФП, ДПА, БТА, Макфакс, Ксинхуа, Јавно, Javno.hr, AНА-МПА, бугарско Министерство за надворешни работи - 22/07/08)

photo

Припадници на српската жандармерија ја обезбедуваат зградата во Белград каде што се држи Радован Караџиќ. [Getty Images]

Официјални претставици на ЕУ и на регионот во вторникот (22-ри јули) го поздравија апсењето на осомничениот за воени злосторства босански Србин Радован Караџиќ, како сигнал дека новата српска влада се придржува на своите обврски кон Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ). Потегот ќе го забрза напредокот на Србија кон европската интеграција, истакнаа тие, повикувајќи го Белград да ги фати двајцата преостанати бегалци кои ги бара Трибуналот на ОН.

Поздравувајќи го апсењето на воениот политички водач на босанските Срби како „многу позитивен настан“, претседателот на Европската комисија (ЕК) Жозе Мануел Баросо рече дека тоа ќе помогне да се задоволи правдата и да се постигне трајно помирување во регионот.

„Тоа ја покажува решеноста на новата српска влада за постигнување целосна соработка со МКТЈ. Ова е, исто така, многу важно и за европските аспирации на Србија“, рече тој во Брисел.

Балканските официјални претставници и политичари ја пофалија новата српска влада и претседателот Борис Тадиќ за апсењето на Караџиќ, само две недели по доаѓањето на власт.

„Србија сигурно ја затвора [книгата за своето] проблематично минато и влегува, со нов интензитет, на својот европски курс“, рече грчката министерка за надворешни работи, Дора Бакојани, во вторникот.

Бугарското Министерство за надворешни работи објави дека апсењето на Караџиќ претставува „јасен сигнал“ за решеноста на новата српска влада да практикува „конструктивна соработка“, како и важен чекор за регионалната безбедност.

Целосната соработка со МКТЈ претставува најважен услов за членството на Србија во ЕУ. ЕУ може да смета дека апсењето на Караџиќ е доволно за да й додели на Србија официјален статус на кандидат за неколку месеци, се истакнува во извештајот.

Полицијата го уапси Караџиќ во едно предградие на Белград во понеделникот вечер, 13 години откако МКТЈ за првпат го обвини него и неговиот воен командант, Ратко Младиќ. Двајцата се соочуваат со бројни обвиненија за геноцид и воени злосторства во врска со масакрот во Сребреница во 1995 година и босанскиот конфликт во периодот 1992-1995 година. Младиќ и поранешниот водач на хрватските Срби Горан Хаџиќ се двајцата преостанати бегалци што ги бара МКТЈ.

Политичарите и официјалните претставници во Хрватска и Албанија ја повикаа Србија да ги уапси, особено Младиќ.

„Апсењето на еден од најсуровите личности на српскиот ултранационализам и виновникот за масовниот и систематски геноцид во Босна, го заслужува нашето признание“, рече албанскиот премиер Сали Бериша.

Изразувајќи жалење што на Караџиќ му беше дозволено да ја избегнува правдата повеќе од една деценија, претседателката на Хрватската народна партија, Весна Пусиќ, ги пофали српските власти.

Според македонската влада, сега кога Караџиќ чека судење, време е земјите од регионот да им го остават своето трагично наследство од 1990-тите на историчарите и „да се фокусираат на заедничката европска иднина за целиот Балкан“.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading