ЕУ ги повика романските политичари да ја поддржат борбата против корупцијата

24/07/2008

Европската комисија во средата (23-ти јули) ги повика романските политичари да покажат „недвосмислена волја“ во искоренувањето на корупцијата, но не одреди санкциите, какви што й беа наметнати на Бугарија.

Од Валентина Поп за Southeast European Times во Букурешт -- 24/07/08

photo

Романскиот министер за правда, Каталин Предиу, дава изјава за медиумите во Букурешт откако ЕК го објави својот извештај. [Getty Images]

„Комисијата силно ја охрабрува Романија да ги интензивира своите напори во борбата против корупцијата“, рече Јоханес Летенбергер, портпарол на Европската комисија (ЕК) во Брисел, кој го претстави негативниот извештај за судските реформи во Романија и борбата против корупцијата. Тој истакна дека Романија „ги постави основните елементи на еден функционален систем. Но основата е сé уште кревка“.

Иако ЕК не й наметна на земјата санкции како на Бугарија, на која й се укинати средства на ЕУ во висина од 500 милиони евра, Комисијата смета дека е неопходно континуирано следење на судскиот систем во Романија и борбата против корупцијата. Некои романски политичари, како што е водачот на Социјалдемократската партија Мирчеа Џоана, смета дека одлуката на ЕК е доказ оти Романија сé уште не е полноправна членка на клубот на ЕУ. „Ова е јасен неуспех и недостоен статус за Романија, која и понатаму останува земја на периферијата на ЕУ, рече Џоана во средата (23-ти јули).

Романскиот комесар во ЕУ, Леонард Орбан, задолжен за политиката на мултилингвизам во ЕУ, рече дека извештајот претставува „сериозен сигнал“, додавајќи дека бугарските санкции треба да го покажат „огромниот ризик“ со кој Романија се соочува ако не се бори поенергично со корупцијата.

Извештајот на ЕК го критикува романскиот парламент за блокирање на голем број истраги за корупцијата на високо ниво и за обид за заслабнување на Кривичниот законик до степен до кој тој би можел да ја загрози секоја разумна истрага за сите видови криминал.

„Нема вистински напредок во десетте случаи во кои се вклучени поранешни министри ... Напорите на Државната дирекција за борба против корупцијата за продолжување на истрагите во некои важни случаи прекинаа, бидејќи парламентот не препорача отпочнување судски процедури“, се вели во извештајот.

Во прелиминарната верзија на извештајот, која протече во медиумите, ЕК дури и размислува за одложување на влезот на Романија и Бугарија во безвизната и безгранична Шенген зона и систем на единствена валута, ако нивните судства останат нефункционални.

Конечниот извештај во мал степен укажува на обврските од „правните и домашните работи“ што Романија ги има ви-за-ви другите земји-членки и, исто така, предупредува дека средствата на ЕУ може да се трошат само ако системот е ослободен од измами и судири на интереси.

„Романија има обврски виз-а-ви другите земји-членки, на пример како дел од политиката на правните и домашните работи, како и заедничкото управување со средствата на ЕУ. Соодветниот административен капацитет и ефикасна контрола на судирот на интереси, измамата и финансиските нерегуларности се неопходен услов за Романија целосно да ги искористи предпристапните и структурални фондови на ЕУ“, се вели во извештајот.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading