23/07/2008
Косовскиот претседател Фатмир Сејдиу и премиерот Хашим Тачи одржаа серија состаноци во Соединетите Држави, каде што претседателот Џорџ В. Буш ја потврди својата поддршка за независноста на Косово.
Од Блерта Фониќи-Кабаши за Southeast European Times во Приштина -- 23/07/08
![]() Американскиот претседател Џорџ В. Буш (десно) се состана со косовскиот претседател Фатмир Сејдиу (во средината) и премиерот Хашим Тачи во понеделникот (21-ви јули) во Вашингтон. [Getty Images] |
Американскиот претседател Џорџ В. Буш во понеделникот (21-ви јули) го пречека косовскиот претседател Фатмир Сејдиу и премиерот Хашим Тачи во Белата куќа во Вашингтон. Соединетите држави се едни од најголемите застапници за независноста на Косово и се противат на поделбата на државата.
„Ветив дека Соединетите Држави ќе продолжат да работат со оние земји кои не го признаа независно Косово со цел да се убедат да го сторат тоа што е можно побргу“, рече Буш на прес-конференцијата по состанокот во понеделникот. „Косово нема да биде [поделено], и Соединетите Држави секогаш ќе ја поддржуваат оваа нова држава.“
Сејдиу, од своја страна, рече: „Косово ќе биде земја на демократија, земја за сите нејзини граѓани. Таа ќе има посебна почит за малцинствата. Ние сме многу заинтересирани за добри односи со Република Србија. Нашиот напредок ќе биде интеграцијата во НАТО и ЕУ.“
Тачи изрази благодарност за американската поддршка. „Косовската влада и народот на Косово секогаш ќе изразуваат длабока почит за Соединетите Држави и американската администрација“, рече тој.
Косово отсекогаш им верувало на Соединетите Држави, рече тој. „Ние градиме демократско Косово и економски ќе го развиеме Косово.“
Самитот во понеделникот уследи по серијата состаноци на Сејдиу и Тачи со високи американски претставници, вклучително и државниот секретар, Кондолиза Рајс, и министерот за одбрана, Роберт Гејтс.
„Соединетите Држави ќе продолжат да му помагаат на Косово во градењето на неговата мултиетничка влада и неговите демократски институции“, им рече Рајс на новинарите по разговорите со Сејдиу и Тачи во петокот. „Повеќе од 40 земји го признаа Косово, вклучително и две третини од Европската унија и НАТО и повеќето членки на Советот за безбедност на ОН.“
Исто така во петокот, Рајс го назначи американскиот вршител на амбасадорската функција Тина Кеднау за прв американски амбасадор во Косово.
„Ова е историски момент за Косово“, рече жителот на Приштина Лулзим Морина, кој се врати во Косово по десет години живот како бегалец во Германија.