Реакциите на апсењето на Караџиќ ја покажаа длабочината на политичката поделеност во БиХ

23/07/2008

Спротивставените реакции во Босна и Херцеговина (БиХ) на апсењето на главниот обвинет за воени злосторства Радован Караџиќ го покажаа континуираниот политички конфликт во општеството.

Од Јусуф Рамадановиќ за Southeast European Times во Сараево -- 23/07/08

photo

Босански муслиман се моли за жртвите од масакрот во Сребреница. Хаг ги смета Радован Караџиќ и неговиот воен командант, Ратко Младиќ, за главни виновници за босанскиот конфликт во периодот 1992-1995 година. [Getty Images]

Во понеделникот (21-ви јули) српската полиција го уапси поранешниот водач на босанските Срби Радован Караџиќ, 13 години по масакрот во Сребреница. Многумина во Босна и Херцеговина (БиХ) славеа, но реакциите во Република Српска (РС) и Федерацијата на Босна и Херцеговина (ФБиХ) беа сосема спротивни.

Бошњачкото раководство изрази задоволство од задоцнетото апсење. Актуелниот претседател на претседателството на БиХ, Харис Силајџиќ, од Партијата за БиХ, на државната телевизија рече дека правдата можеби е бавна, но на крајот доаѓа. Сепак, тој истакна дека воениот командант на Караџиќ, Ратко Младиќ, и понатаму се наоѓа во бегство. Тој рече „проектот на геноцид што го започнаа овие двајца мажи не треба да се дозволи да продолжи“ -- мислејќи на РС, која Караџиќ ја водеше за време на конфликтот во БиХ.

Сулејман Тихиќ, претседателот на Босанската муслиманска партија за демократска акција (СДА) искажа сличен став, велејќи дека се надева оти судењето на Караџиќ ќе открие нови докази и ќе дозволи преглед на вредностите на постоењето на РС. Тој истакна дека властите во РС никогаш не уапсиле, ниту суделе некого за геноцид или масовни убиства во БиХ.

Од друга страна, Младен Босиќ, претседател на Српската демократска партија (СДС) на Караџиќ во Бања Лука, рече дека изјавите на Силајџиќ и другите претставници во Сараево се „политички оргии“ кои покажуваат оти судењето на Караџиќ ќе се претвори во судење на РС.

„Апсењето на Караџиќ исполнува една од обврските што произлегуваат од Дејтонскиот договор“, рече премиерот на РС Милорад Додик. Тој додаде дека нема колективна вина што би можела да важи за српската етничка група во БиХ или цела РС. Тој, исто така, истакна дека сомневањата оти Караџиќ се крие во РС се покажале неосновани.

Жељко Комшиќ, хрватски член на трипартитното претседателство на БиХ, му напиша писмо на српскиот претседател Борис Тадиќ, велејќи дека со апсењето на Караџиќ: „Србија направи голем чекор во нормализирањето на билатералните односи помеѓу двете земји и во стабилизацијата на целокупната ситуација во регионот“.

Главниот меѓународен претставник во БиХ, Мирослав Лајчак, предвиде дека фаќањето „ќе им помогне на граѓаните на [БиХ] да се тргнат од минатото и да погледнат во иднината“.

Одговорот на јавноста во секој од ентитетите, исто така, беше различен. Во Бања Лука, каде што Караџиќ некогаш ја водеше РС, народот беше воздржан, а властите воведоа засилена безбедност.

Сепак, во Сараево, кое беше под 44-месечна опсада од страна на силите на босанските Срби на Караџиќ, неколку илјади луѓе излегоа на улиците да прослават.

Уште еден ваков ден на спротивни реакции може да се случи со апсењето на Младиќ.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading