Собирот на егејските деца бегалци во Скопје предизвика контроверзност

22/07/2008

Во време на жестоко несогласување помеѓу Атина и Скопје во врска со тврдењата за македонско малцинство во Грција, повеќе од 6.000 бегалци од грчката граѓанска војна се собраа да го одбележат својот егзодус и да побараат права.

Од Марина Стојановска и Христос Рингас за Southeast European Times во Скопје и Атина -- 22/07/08

photo

Македонскиот премиер Никола Груевски (лево) му испрати на својот грчки колега Костас Караманлис писмо минатата недела, во кое бара од него да ги исправи „историските грешки од минатото“. [SETimes photo illustration]

Бегалците кои ја напуштиле Егејска Македонија како деца за време на турбуленцијата на грчката граѓанска војна, се собраа во Скопје во петокот (18-ти јули) да ја одбележат 60-годишнината од нивниот егзодус. Четиридневниот настан се одржа спротивно на заднината на тековниот спор околу името помеѓу Грција и Република Македонија и во време кога Скопје се залага за признавање на етничко македонско малцинство во Грција.

Од 1946 до 1949 година во Грција имаше жестоки борби бидејќи комунистичките партизани -- со поддршка од Титова Југославија -- сакаа да ја преземат контролата во државата. За време на овие превирања, десетици илјадници деца од регионот беа евакуирани, а подоцна и сместени во сиропиталишта во Југославија и насекаде низ Источна Европа. Иако некои се вратија, грчките закони моментно нудат амнестија само за етничките Грци.

Собирот овој месец привлече 6.000 евакуирани, кои дојдоа од земји како што се Австралија, Канада, Чешката Република, Унгарија, Полска и Соединетите Држави. Учесниците упатија декларација до меѓународната заедница, барајќи враќање на нивните права на државјанство и имот.

„Не бараме ништо повеќе од тоа да се почитуваат вака дефинираните права во уставот на Грција“, се вели во истата.

Македонскиот претседател Бранко Црвенковски и претседателот на парламентот, Трајко Велјановски, присуствуваа на настанот. „Националниот идентитет не може да се избрише административно“, рече Велјановски во својот говор. „Ние сме Македонци и ... нема да се откажеме од својот идентитет.“

Во време кога преговорите помеѓу Атина и Скопје во врска со спорот околу името се сé уште во ќор-сокак, владата на премиерот Никола Груевски се реши да го покачи влогот ставајќи ги на маса малцинските прашања. На 14-ти јули Груевски му испрати писмо на својот грчки колега Костас Караманлис, барајќи од него да го признае постоењето на етничко македонско малцинство во Грција.

Атина треба да ја поправи „историската грешка од минатото“ за да го отвори патот за подобри врски, напиша тој. Груевски, исто така, му испрати писмо на претседателот на Европската комисија (ЕК) Мануел Баросо, барајќи од ЕК да се погрижи Грција да ги почитува правата на слободно изразување на етничката припадност.

Грција долго време го оспорува ваквото тврдење, велејќи дека и покрај тоа што постојат луѓе што говорат словенски јазик во северна Грција, нема основа тие да се опишат како „македонска“ етничка група.

„Нема и никогаш немало македонско малцинство во Грција. Сите наводи за постоење вакво малцинство во Грција се неосновани, политички мотивирани и не ја почитуваат политичката реалност во регионот“, се вели во официјалниот одговор на писмото на Груевски.

Атина нема намера да разговара за ваквите прашања, рече Караманлис, додавајќи дека тие излегуваат од рамките на разговорите за името.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading