Најбарани во светот: Радован Караџиќ

22/07/2008

Радован Караџиќ се соочува со две точки од обвинението за геноцид, пет точки од обвинението за злосторства против човештвото, три точки од обвинението за кршење на законите или обичаите на војувањето и една точка од обвинението за сериозно кршење на Женевските конвенции.

(Разни извори)

photo

Радован Караџиќ. [Архива]

Поранешниот водач на босанските Срби Радован Караџиќ, кој беше уапсен во понеделникот (21-ви јули) во Србија, беше еден од најбараните воени злосторници во светот. Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) го обвини во врска со конфликтот во Босна и Херцеговина (БиХ) во периодот 1992-1995 година, кој резултираше со околу 200.000 мртви и два милиони бегалци.

Караџиќ за првпат беше обвинет, заедно со поранешниот воен шеф на босанските Срби, Ратко Младиќ, во јули 1995 година. Изменето обвинение беше потоа издадено против Караџиќ во мај 2000 година, но беше чувано во тајност до 11-ти октомври 2002 година. Во него поранешниот водач на босанските Срби се товари по две точки за геноцид, пет точки за злосторства против човештвото, три точки за кршење на законите или обичаите на војувањето и една точка за сериозно кршење на Женевските конвенции.

Караџиќ е роден на 19-ти јуни 1945 година во општина Савник во Црна Гора. На возраст од 15 години тој се преселил во Сараево, каде што дипломирал на медицина во 1971 година, а станал лекар и психијатар.

Во 1990 година Караџиќ станал основачки член на Српската демократска партија (СДС) и нејзин прв претседател. Откако Словенија и Хрватска се одвоија од Југославија во 1991 година, водачот на СДС ги отфрли повиците БиХ да го направи истото. Наместо тоа, беше прогласен т.н. Српска Република Босна-Херцеговина, подоцна наречена Република Српска.

На 27-ми март 1992 година Караџиќ станал претседател на Националниот совет за безбедност на српската република и на 12-ти мај истата година член на нејзиното трипартитно претседателство. Истиот ден тој е избран за претседател на претседателството. На 17-ти декември 1992 година Караџиќ стана единствен претседател на Република Српска (РС), а три дена подоцна врховен командант на нејзините вооружени сили. Тој остана на овие клучни позиции, вклучително и на позицијата претседател на СДС до 19-ти јули 1996 година, кога го објави своето повлекување од политиката.

Неколку дена откако Караџиќ застана на чело на Националниот совет за безбедност, армијата на босанските Срби го стави под опсада градот Сараево. До крајот на мај 1996 година трупите на босанските Срби и артилеријата позиционирани во околните ридови ги бомбардираа улиците и местата со продавници во градот, додека снајперистите намерно нишанеа на цивили. Околу 10.500 цивили, вклучително и 1.800 деца, беа убиени, а околу 50.000 други беа ранети за време на 44-месечната опсада на Сараево.

Во врска со злосторствата извршени помеѓу 1-ви јули и 30-ти ноември 1995 година, изменетото обвинение наведува дека Караџиќ „планирал, поттикнувал, наредувал, извршувал или на друг начин помагал и наведувал на планирање, подготвување или извршување на уништување, целосно или делумно, на етничките, расните или верските групи на босанските муслимани и босанските Хрвати“, во голем број општини. Помеѓу нив се: Бијелина, Братунац, Босански Самац, Брчко, Добој, Фоча, Илијас, Кључ, Котор Варош, Нови Град, Приједор, Рогатица, Сански Мост, Сребреница, Вишеград, Власеница, Завидовиќи и Зворник.

СДС и властите поставија голем број логори и затвори во различни општини. Условите за живот во нив, според МКТЈ, имале за цел физичко уништување, целосно или делумно, на босанските муслимани и босанските Хрвати како етнички, расни или верски групи.

„Овие логори и затвори биле екипирани и водени од воениот и полицискиот персонал, под крајна директива и контрола на високото раководство на босанските Срби, вклучително и Радован Караџиќ, Момчило Краишник и Билјана Плавшиќ“, се вели во обвинението.

Како резултат на кампањата на етничко чистење, спроведена од страна на силите на босанските Срби во текот на 1995 година босанското муслиманско население во Сребреница и други области драстично е зголемено.

Караџиќ, кој имал како формална, така и де факто власт и контрола над силите на босанските Срби и сите власти на СДС и владата, беше исто така обвинет и во врска со убиствата од јули 1995 година на околу 8.000 мажи и момчиња од босанските муслимани, фатени на неколку локации во и околу прогласената од ОН „безбедна област“ на Сребреница. Масакрот се смета за одделно најголемо злосторство во европската историја по Втората светска војна.

Караџиќ се смета за одговорен и за затворањето на крајот од мај 1995 година на повеќе од 200 мировници на ОН и воени набљудувачи, кои беа чувани во заложништво околу една недела на локации од стратешко или воени значење низ цела БиХ, со цел да се направат овие локации имуни на воздушните напади на НАТО. „Некои од заложниците биле тепани или на друг начин злоставувани за време на нивното држење во затвор. Некои од овие заложници биле принудени да ги предупредат своите команданти во ОН дека ќе бидат убиени ако НАТО продолжи со бомбардирањето“, се вели во обвинението.

По објавувањето на неговата оставка од политиката на 19-ти јули 1996 година Караџиќ почна да се крие, успевајќи со години да бега од правдата и покрај бројните обиди на мировниците на НАТО за негово апсење. Американската влада понуди награда од 5 милиони американски долари за информации што ќе водат до негово апсење или осудување. Според меѓународната заедница, доброорганизирана мрежа поддржувачи му помагала на Караџиќ да избегне апсење.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading