22/07/2008
Полицијата во Белград го уапси Радован Караџиќ, обвинет од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија за геноцид во Босна и Херцеговина. Српските власти се надеваат дека апсењето ќе го отвори патот на земјата за влез во ЕУ.
Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград -- 22/07/08
![]() Во Сараево се славеше рано во вторникот (22-ри јули), откако се слушна за апсењето на водачот на босанските Срби Радован Караџиќ во Белград. [Getty Images] |
Полицијата во понеделникот (21-ви јули) го фати обвинетиот за воени злосторства Радован Караџиќ, по долг период следење од страна на српските безбедносни сили. Координаторите на апсењето, Расим Љајиќ и Владимир Вукчевиќ, рекоа дека Караџиќ се криел во Белград и го променил својот изглед толку драстично што не бил препознатлив за своите соработници.
Тие покажаа фотографија на Караџиќ со бела коса и долга бела брада. Тој работел во приватна клиника, изнајмувајќи станови во Белград и користејќи го лажното име Драган Дабиќ.
Но, адвокатот на Караџиќ Светозар Вујачиќ рече дека неговиот клиент тврдел за време на испрашувањето дека бил уапсен во петокот и бил чуван во „некој стан“ до понеделникот. Адвокатот, исто така, рече дека Караџиќ одбива да јаде и едвај зборува.
По веста за неговото апсење Белград беше тивок, макар што неколку десетици членови на ултранационалистичките организации се собраа на улиците. Полицијата уапси неколку најагресивни млади, а другите заминаа по половина час протести.
Проевропските партии во Белград го поздравија фаќањето на Караџиќ и рекоа дека тоа, најверојатно, ќе ја забрза европската интеграција на Србија и почетокот на спроведувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација (ДСА). ЕУ и Србија го потпишаа договорот на 29-ти април, но ЕУ потоа го одложи, барајќи целосна соработка на Белград со Хашкиот трибунал.
Претставниците на екстремно десничарската Српска радикална партија го опишаа апсењето како „застрашувачки настан“ за Србија. Претставникот на партијата Александар Вучиќ рече дека Србија „е на пат да исчезне“, бидејќи со апсењата на Караџиќ и другиот обвинет Стојан Жупљанин минатиот месец, српскиот претседател Борис Тадиќ почнува да им „ја враќа услугата“ на елементите на меѓународната заедница што „му помогнаа да победи на општите избори во мај“.
Апсењето на Караџиќ ги израдува претставниците на ЕУ, Соединетите Држави и ОН, кои рекоа дека тоа е многу важен настан за српската европска иднина. Шефот за надворешна политика на ЕУ, Хавиер Солана, рече дека е уверен оти главниот обвинител на Хашкиот трибунал Серж Брамерц сега ќе заклучи дека Белград целосно соработува. Комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, рече дека апсењето „е клучен настан за српскиот пат кон ЕУ“.
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, го опиша како „историски момент за жртвите кои чекаа 13 години Караџиќ да биде изведен пред правдата“. Портпаролката на Белата куќа Дана Перино рече дека тоа ја докажува решеноста на новата српска влада целосно да соработува со Трибуналот на ОН. Таа, исто така, го истакна и времето: апсењето доаѓа само неколку дена по комеморацијата за жртвите од Сребреница во 1995 година.
Иако брзо презеде мерки за спречување на евентуални немири во Белград, Министерството за внатрешни работи се дистанцираше од апсењето, тврдејќи дека не учествувало во операцијата. Министер за внатрешни работи е Ивица Дачиќ, водач на Социјалистичката партија на Србија (СПС), вториот најсилен член на владејачката коалиција. Сепак, претседателката на парламентот и заменик-претседателка на СПС, Славица Ѓукиќ-Дејановиќ, рече дека Србија мора да ги исполни своите меѓународни обврски.
Аналитичарите велат дека апсењето на Караџиќ нема да влијае негативно на стабилноста на владата, и покрај противењето на СПС на екстрадицијата на обвинетите. Аналитичарите велат дека брзата реакција на полициските единици кои ги спречија евентуалните немири, исто така, ја покажа стабилноста на владата.
Според српскиот закон, Хаг може да го добие Караџиќ за околу една недела. Уште двајца обвинети -- Ратко Младиќ и Горан Хаџиќ -- остануваат на слобода.