Романскиот суд вели дека законот за „среќни вести“ е неуставен

21/07/2008

Романскиот уставен суд го отфрли законот според кој најмалку 50 отсто од темите на домашните медиуми мора да бидат „позитивни“.

(AП, Ројтерс, АФП, HotNews.ro, Nine O'clock, Ромпрес, Dnevnik.bg, новинари без граници)

photo

Киоск за весници во Букурешт. [AФП]

Романскиот Уставен суд го отфрли контроверзниот закон за медиумите претходно овој месец, прогласувајќи го законот за неуставен. Сенатот го одобри законот, кој предвидува дека позитивните вести треба да сочинуваат половина од сите вести на романските радио и телевизиски станици.

Опозициската Либерал-демократска партија (ПДЛ) поднесе жалба на пресудата на 9-ти јули, тврдејќи дека новиот закон ја крши слободата на изразувањето.

Авторите на законот, сенаторите Георге Фунар од екстремно десничарската партија Поголема Романија и Јоан Гизе од владејачката Национал-либерална партија, тврдат дека неговата цел е „подобрување на општата клима“ и гарантирање дека Романците ќе добиваат „добро избалансирана перцепција на секојдневниот живот“.

Негативните вести, романскиот весник на англиски јазик Nine o'clock ја цитира нивната изјава, може да имаат опасно влијание на животите на гледачите и нивното здравје.

Целта на законот беше „да се подобри општата клима и да й се понуди на јавноста шанса за избалансирани перцепции на секојдневниот живот, психички и емоционално“.

„Овој закон е целосно неприфатлив во една земја-членка на ЕУ“, објави меѓународната медиумска група Новинари без граници (РСФ) откако романскиот Сенат од 137 места ги усвои контроверзните амандмани на аудиовизуелниот закон на земјата.

Групата со седиште во Париз го опиша законот како „ретрограден и анахроничен“. Таа, исто така, предупредува дека усвојувањето на мерката која е „целосно субјективна и лишена од значење“ ќе претставува закана за уредничката политика на Романија.

Амандманите претходно не беа усвоени во долниот дом на парламентот, објави Домот на пратениците. Пред гласањето на 25-ти јуни комисијата за човекови права на Сенатот изрази противење на законот, но комисијата за култура и масовни медиуми ги поддржа. На крајот, тој беше одобрен едногласно во Сенатот, пред да се вмеша Уставниот суд.

Според овој закон, државната регулаторна комисија за радиотелевизискиот сервис, Државниот аудиовизуелен совет (КНА), ќе одлучуваше што беше „позитивно“, а што беше „негативно“.

Но, претседателот на КНА, Расван Попеску, беше очигледно разочаран од потегот на Сенатот. Вестите, вели тој „не се ниту негативни, ниту позитивни“, со оглед на тоа што само ја одразуваат реалноста и медиумите не можат да ги планираат настаните.

„Вестите се вести“, рече Попеску, критикувајќи го истовремено и долниот дом на парламентот што не го покани него или другите членови на КНА да дебатираат за законот. Тој, исто така, истакна дека „мора да се разговара за промена во поглед на балансот на позитивните и негативните вести на телевизија и радио“.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading