18/07/2008
Новообјавениот извештај на експертите за правда на Европската комисија предупредува дека борбата на Романија против корупција може да се спушти до нејзиното ниво од 2003 година.
Од Пол Чикој за Southeast European Times во Букурешт – 18/07/08
![]() Нема напредок во случајот на корупција против поранешниот премиер Адријан Настасе, се вели во извештајот на советникот на ЕК. [Getty Images] |
Борбата на Романија против корупцијата назадува на сите фронтови, се вели во извештајот на белгискиот обвинител Вилем де По, истакнат советник на Европската комисија (ЕК) во борбата против корупцијата. Извештајот, кој беше напишан во ноември 2007 година, но беше објавен дури овој месец, предупредува „Ако романските антикорупциски напори продолжат да исчезнуваат со сегашното темпо, за околу шест месеци, Романија ќе се врати назад на нивото од 2003 година“.
Извештајот, цитиран во Економист, е само последна критика за напорите на романските власти против корупцијата, кои многумина сметаат дека се олабавени откако земјата пристапи во ЕУ во јануари 2007 година. Пролонгираните случаи против поранешниот премиер Адријан Настасе и поранешниот министер за транспорт Мирон Митреа ги разлутија амбасадорите на ЕУ во Букурешт.
Според неодамнешните одлуки на Уставниот суд во земјата сите истраги против високи политичари бараат парламентарно одобрение. Со тие одлуки, парламентот обезбеди заштита за двајцата поранешни функционери. „Неодамнешните мерки служат само да постават пречки во борбата против корупцијата“, рече британскиот амбасадор Робин Барнет.
Де По остро ја критикуваше ваквата заштита како „нелогична“. Тој вели дека ваквиот имунитет, кој некогаш требаше да ги спречи политички мотивираните истраги, повеќе не е оправдан за поранешните министри.
„Голем број мерки кои беа претставени пред пристапот, за да бидат искористени во борбата против корупцијата, намерно се занемарени од парламентот или владата веднаш по пристапувањето“, се вели во извештајот на Де По.
Настасе пишува на својот блог дека објавувањето на овој извештај осум месеци по неговото пишување има за цел да „го [изманипулира] јавното мислење обвинувајќи ја целата политичка класа и судиите кои се противат на антикорупциските [напори] и кои не ги почитуваат директивите на претседателот Трајан Башеску, кои се осмелуваат да фрлат сомнеж на наводните реформи воведени од Моника Маковеј и кои одбиваат да попуштат пред процедуралните акти подготвени од претседателските обвинители“.
Глобалниот извештај за корупцијата 2008 на Трансперенси интернешнал, исто така, истакнува дека „и покрај интензивните активности на Одделот против корупција, правниот систем сé уште не обезбедил пресуди во случаите на корупција на високо ниво“ и се истакнува дека „неодамнешната практика беше да се доделат голем број намалени казни во големите судски процеси за корупција“.
Новиот извештај на ЕК за напредокот на Романија и Бугарија во правниот систем, ќе се појави следната недела. Во февруари привремените извештаи ја критикуваа корупцијата на високо ниво во двете земји, но не со вака остар тон. Извори велат дека документот следната недела ќе биде поагресивен за недостатокот на напредок во двете земји, кој евентуално може да води до повлекување на средствата на ЕУ.