18/07/2008
Aмериканскиот советник за државна безбедност, Стивен Хедли, истакна дека континуираните реформи на патот кон пристапот во ЕУ ќе ја зајакнат стабилноста и дипломатијата на Турција.
Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 18/07/08
![]() „Соединетите Држави и Турција имаат силно стратешко партнерство. Ние сакаме да продолжиме и уште повеќе да го зајакнеме ова партнерство“, рече американскиот советник за државна безбедност, Стивен Хедли, во петокот (18-ти јули). [Getty Images] |
Американскиот советник за државна безбедност, Стивен Хедли, во петокот (18-ти јули) ја посети Турција, во време на продлабочена домашна криза која се совпадна со интензивираниот дипломатски сообраќај за Иран и Ирак.
Хедли ја истакна важноста на турската стабилност и ги пофали дипломатските остварувања во изминатите пет години. Повикувајќи ја Турција да продолжи со политичките и економските реформи, тој исто така ја поддржа кандидатурата за членство во ЕУ на земјата.
„Овие реформи ќе ја направат Турција посилна и попросперитетна ... Соединетите Држави се силни поддржувачи на турското членство во ЕУ“, рече Хедли по разговорите со турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган.
Турција се соочува со својата најголема политичка криза во последниве децении и многу аналитичари ја обвинуваат политиката на ЕУ кон Турција за влошувањето на кризата.
„Кризата е ... обвинение на [EУ] за нејзиното жалосен неуспех да заземе позитивен став кон кандидатурата за членство на Анкара“, се вели во уредничкиот натпис на Фајненшал тајмс оваа недела. „Ако Унијата й дадеше на Турција јасни услови и распоред, генералите и АКП ќе можеа да ги концентрираат своите енергии на пристапот, а не на шамиите“, се вели во истиот.
Партијата на правдата и развојот (АКП) на Ердоган, со исламски корени, се бори со напорите на обвинителството во Уставниот суд за нејзина забрана, за наводно поткопување на секуларно-демократскиот карактер на државата. Во меѓувреме, група пензионирани турски војници и екстремни националисти сега се соочуваат со обвиненија дека ковале заговор за соборување на владата на АКП.
Кризата на доверба меѓу секуларните либерали и конзервативците со исламски корени се продлабочи откако кипарскиот проблем и противењето на францускиот претседател Николас Саркози ги блокираа разговорите за членство во ЕУ на Турција. Аналитичарите стравуваат дека борбата за власт може да предизвика домашна нестабилност и да ги осуди на пропаст напорите за смирување на Ирак и решавање на нуклеарната криза со Иран.
Хедли, свртувајќи се кон стратешките прашања, искажа подготвеност за понатамошно подобрување на соработката помеѓу Вашингтон и Анкара. „Соединетите Држави и Турција имаат силно стратешко партнерство“, истакна тој. „Ние сакаме да продолжиме и уште повеќе да го зајакнеме ова партнерство.“
Хедли, исто така, разговараше за неодамнешните настани во Ирак и неодамнешните заеднички напори за зајакнување на безбедноста и стабилноста во соседната земја. Ердоган ја имаше својата прва официјална посета на Багдад минатата недела, отворајќи нова стратешка ера во турско-ирачките односи.
Хедли изрази решеност да ја поддржи Турција во елиминирањето на заканата од терористичката Курдистанска работничка партија (ПКК) во северен Ирак. „Соединетите Држави, Турција и Ирак ќе продолжат со соработката против нашиот заеднички непријател, ПКК“, истакна тој.
За време на разговорите со претседателот Абдула Ѓул, турскиот заменик-началник на Генералштабот, Ергун Сајгун, и министерот за надворешни работи, Али Бабаџан, Хедли го покрена прашањето на нуклеарната закана од Иран. Тој елаборираше за неодамнешната одлука на Вашингтон да учествува во нуклеарните преговори ЕУ-Иран и да ја процени веројатноста за дипломатско решение.
Бабаџан, кој, исто така, му беше домаќин на иранскиот министер за надворешни работи, Манучехр Мотаки, во Анкара во петокот, рече дека Турција е подготвена да вложи максимални напори за изнаоѓање мирно решение за иранската нуклеарна криза.
Турската полиција се противи на нуклеарното оружје во регионот, но вели дека земјите имаат право да развиваат нуклеарна технологија за мирни цели.