17/07/2008
Покрај Тркиш ерлајнс, главни претенденти за делумното купување на БХ Ерлајнс се Кроација ерлајнс и авиокомпании од Малезија и Италија.
Од Јусуф Рамадановиќ за Southeast European Times во Сараево -- 17/07/08
![]() [БХ Ерлајнс] |
На крајот од јуни, владата на Федерацијата на Босна и Херцеговина (ФБиХ) објави официјален тендер за приватизација на државното претпријатие БХ Ерлајнс. Крајниот рок за поднесување на понудите е 30-ти јули.
Во тендерската документација се бара перспективниот инвеститор да купи 49 отсто од акциите во претпријатието, додека владата ќе задржи 51 отсто. Кроација ерлајнс и Тркиш ерјлајнс, како и авиокомпании од Малезија и Италија, изразија интерес за оваа делумна продажба. Според извештаите во медиумите, Тркиш ерлајнс сè уште не поднесол официјално писмо на намери.
БХ Ерлајнс моментно изнајмува два авиони АТР 72, со закажани услуги за Швајцарија, Турција и Македонија од Сараево, Бања Лука и Мостар. Претпријатието се надева дека идниот стратешки партнер ќе купи уште еден авион, евентуално млазен авион.
„Зголемувањето на флотата, стратешкото партнерство и инвестициите во модернизацијата се клучни за континуираниот развој на БХ Ерлајнс, изјави генералниот директор на претпријатието Нуџеим Речица, за новинската агенција ОНАСА. Тој истакна дека дури и многу поголеми превозници, како српскиот ЈАТ или Кроација ерлајнс моментно работат со загуба.
Претставници на претпријатието велат дека во текот на 2007 година, претпријатието услужило околу 70.000 патници, во споредба со 60.000 претходната година, што е зголемување од 14,1 отсто. Неговиот бруто-профит изнесува 7,4 милиони евра, што е 9,5 отсто повеќе од 2006 година. Сепак, тоа наводно имало загуба во 2007 година од 51.000 евра.
Агенцијата за приватизација во ФБиХ смета дека делумната приватизација претставува исклучителна зделка за инвеститорите, бидејќи БХ Ерлајнс се единствениот босански авиопревозник кој има потенцијал да отвори нови патишта и пазари и значително да го зголеми својот превознички капацитет.
Сепак, уделот на пазарот на овој авиопревозник во БиХ е само 15 отсто. Пред неколку години, стана очигледно дека БХ Ерлајнс нема да преживее на својот домашен пазар без помош.
Од друга страна, скептиците сметаат дека овој аранжман е „катастрофален“ потег за владата на ФБиХ, која ќе мора да продолжи со крпењето на загубите со парите на даночните обврзници. Тие тврдат дека целосната продажба на претпријатието би била подобра опција.
Што се однесува на плановите по приватизацијата, откако ќе се зголеми флотата, превозникот ја најави својата намера да воведе летови до Лондон, Амстердам и скандинавските градови. Тој, исто така, преговара со Црна Гора за воведување на лет Сараево-Подгорица.