Покренато егејското прашање во спорот околу името

17/07/2008

Повторното избивање на површина на т.н. егејско прашање, за кои македонската влада сега инсистира да се разговара со Грција, ја зголеми лутината во Атина и надежите меѓу децата-бегалци.

Од Горан Трајков за Southeast European Times во Скопје – 17/07/08

photo

Грчката министерка за надворешни работи, Дора Бакојани, во вторникот (15-ти јули) предупреди дека Македонија ризикува да жнее „бура“ со својот „екстремен национализам“. [Getty Images]

Желбата на македонската влада да ја прошири својата агенда на разговорите во спорот околу името помеѓу Скопје и Атина, ги разбранува емоциите во двете земји. Македонскиот премиер Никола Груевски во понеделникот (14-ти јули) му напиша писмо на својот грчки колега, Костас Караманлис, изразувајќи ја својата решеност да разговара за неправдата што им е нанесена на овие бегалци и етничкото македонско малцинство кое остана во Грција.

Во лутиот одговор, грчката министерка за надворешни работи, Дора Бакојани, во вторникот предупреди дека Македонија ризикува да жнее „бура“ со својот „екстремен национализам“. Атина сé уште подготвува поофицијален одговор.

Париз, актуелниот претседавач на ЕУ, ја поддржа Атина, при што францускиот министер за надворешни работи, Бернард Кушнер, во вторникот рече: „Изразуваме солидарност со Грција“.

Од друга страна, Здружението на децата-бегалци од Егејска Македонија (ЗДБЕМ) го пофали овој потег, потврдувајќи дека тоа е единствениот начин да се решат прашањата како што се правата на бегалците на имотите што ги напуштиле пред 60 години. Етничките Македонци трпеа репресалии на крајот од граѓанската војна во Грција, при што победничката власт ги обвини дека застанале на станата на поразените комунистички партизани и се залагале за сопствена автономна држава.

Ристо Никовски, поранешен македонски амбасадор во Велика Британија, се согласува дека е крајно време да се разговара за ова чувствително прашање. „Објективно гледано, знаејќи ја грчката позиција во спорот околу името, не можеме да очекуваме скоро решавање на проблемот ... На [Грција] не й пречи името Македонија, нејзе и пречат Македонците.“

И покрај негодувањата од изненадената Грција дека претходните македонски власти не ги покренаа овие барања, посредникот на ОН, Метју Нимиц, рече дека тој ќе ги стави на маса.

Контроверзноста се вжештува додека ЗДБЕМ се подготвува да ја прослави 60-годишнината од егзодусот на повеќе од 28.000 етнички македонски деца од Грција, која беше опустошена од војната. Собирот во Скопје следниов викенд ќе има хуманитарна цел, според Ѓорѓи Ајановски, претседател на организациониот комитет на конференцијата на ЗДБЕМ. Учесниците ќе ја осудат војната и нејзините придружни страдања, како и егзодусот и насилството над децата.

Неколку илјадници Македонци од дијаспората ќе учествуваат на форумот, од кои некои сега живеат во Соединетите Држави, Канада и низ европските земји. Ќе има изложба на книги за грчката граѓанска војна и Втората светска војна и научен симпозиум. Настанот започнува во спортската сала „Борис Трајковски“ в петок. На церемонијата се поканети да учествуваат претставници на земјите што ги прифатија децата-бегалци, дипломати со седиште во Скопје и претставници на македонската влада.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading