15/07/2008
Меѓународните донатори ветија 1,2 милијарди евра за Косово во петокот. Средствата ќе бидат искористени за социјалниот и економскиот развој и за враќање на долгот на новата независна држава.
Од Блерта Фониќи-Кабаши за Southeast European Times во Косово -- 15/07/08
![]() Поголем дел од парите ќе го поддржат социјалниот и економскиот развој. [AФП] |
Меѓународната заедница вети 1,2 милијарди евра за Косово на донаторската конференција во петокот (11-ти јули) во Брисел. Средствата, во текот на следните три години, ќе помогнат во изградбата на Косово, најновата земја која произлезе од распадот на Југославија.
Поголем дел од парите добиени во петокот ќе помогнат социјалниот и економскиот развој, како што е изградбата на патишта и училишта. Околу 100 милиони евра ќе одат за враќање на долгот на Косово.
Скоро 40 земји испратија претставници на конференцијата, која ја организираше Европската комисија, а присуствуваше косовскиот премиер Хашим Тачи. Светската банка беше меѓу присутните меѓународни институции.
Тачи на конференцијата рече дека настанот претставува почеток на една нова фаза од развојот и дека властите во Приштина ќе соработуваат со меѓународните донатори кога станува збор за трошењето пари.
„Свесни сме за нашите одговорности“, рече Тачи. „Никогаш нема да ве разочараме.“
Европската комисија беше најголем одделен донатор, со удел од 500 милиони евра, по што следеа Соединетите Држави со 256 милиони евра.
Донаторската конференција за поддршка на Косово беше многу важен настан“, рече американскиот заменик помошник државен секретар Розмари ди Карло.
Европската комисија и другите донатори покажаа спремност да го поддржат економскиот и демократскиот развој на Ксоово, рече Ди Карло, но донаторите имаат очекувања што Приштина мора да ги исполни.
„Многу сме среќни бидејќи ... повеќето европски држави одлучија да го поддржат Косово во иднина. Сметаме дека ова има апсолутно суштинско значење за стабилноста на регионот“, рече Ди Карло.
Комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, кој исто така присуствуваше на конференцијата, рече дека Косово е „во суштина европско прашање“ и дека ветувајќи половина милијарди евра „ЕУ јасно го покажува тоа“.
„Ова не е само дипломатски речник, ова е најконкретен, најочигледен доказ за нашата посветеност на Косово и стабилноста и напредокот на целиот Западен Балкан“, рече Рен.
Буквално сите 20 земји на ЕУ кои веќе го признаа Косово како независна држава ветија пари. Но, сумите што ги ветија највлијателните во ЕУ, се движат од 100 милиони евра од страна на Германија до 2 милиони евра од страна на актуелниот претседавач на ЕУ, Франција.
Земји што не се членки на ЕУ, Норвешка, Швајцарија, Саудиска Арабија и Турција, исто така, учествуваа со значителни суми.