15/07/2008
Илјадници ожалостени луѓе се упатија кон Сребреница, 13 години по масовните убиства на бошњачките мажи, кои Хаг ги окарактеризира како генодиц.
Од Јусуф Рамадановиќ за Southeast European Times во Сараево -- 15/07/08
![]() Преживеаните и роднините на жртвите од масакрот во Сребреница во 1995 година присуствуваат на комеморативната служба во Поточари во петокот (11-ти јули). [Getty Images] |
Околу 40.000 ожалостени луѓе во петокот (11-ти јули) се собраа во меморијалниот центар Поточари во близина на Сребреница, да ја одбележат 13-тата годишнина на најголемото злосторство во Европа по Втората светска војна. Тие се потсетија на систематското убивање на илјадници мажи и момчиња од босанските муслимани од страна на силите на Република Српска под команда на генерал Ратко Младиќ, кој е во моментов обвинет за воени злосторства.
На оваа годишнина беа повторно закопани 308 новоидентификувани тела, со што бројката на досега познати мртви изнесува повеќе од 8.000. Меѓу нив е и телото на 15-годишниот Касим Омеровиќ, чија мајка присуствуваше на церемонијата.
„Сознанието дека на 11-ти јули 1995 година ... беа убиени луѓе само затоа што беа муслимани предзвикува вчудоневиденост меѓу нас, бидејќи не можеме да веруваме дека вакво нешто можеше да се случи во Европа по Втората светска војна“, рече водачот на исламската заедница на БиХ, Реис-ул-Улема Мустафа Чериќ. Тој побара од ЕУ да го прогласи 11-ти јули за Европски ден на жалост, на кој континтентот ќе вети дека никогаш нема да дозволи „уште еден Холокауст или геноцид“.
Пред самата комеморација се одржа тридневен, 100-километри долг Марш на мирот до Сребреница, кој започна во градот Нежук, преку кој неколку преживеани мажи од Сребреница успеаја да стигнат до територијата контролирана од босанската армија. Маршот на мирот започна пред неколку години, добивајќи меѓународен карактер со секоја измината година. Овојпат државјани на многу други земји беа помеѓу 2.500-те учесници.
Американскиот амбасадор во БиХ, Чарлс Инглиш, им се приклучи во еден кус дел. Во краткиот коментар кој беше поздравен со аплауз од оние што маршираа, тој рече: „Овде се случи геноцид. Овој факт не може да се минимизира, не може да се одбегнува и не може и не смее да се негира.“
Тимовите за откривање се соочуваат со голем број проблеми во лоцирањето и идентификувањето на остатоците на жртвите, бидејќи убијците ги расфрлиле за да избегнат пронаоѓање. На пример, пронаоѓачите ги најдоа остатоците на една жртва, Садик Ориќ, во Сремска Митровица, Србија -- на неколку стотици километри оддалеченост од Сребреница во Војводина.
Советот на министри на БиХ го прогласи 11-ти јули за ден на жалост за целата земја, вклучително и нејзините ентитети и областа Брчко. Сепак, Република Српска го отфрли декретот и одби да ги симне своите знамиња на половина копје. Премиерот на РС Милорад Додик рече дека не е заинтересиран за одлуката на трипартиското претседателство на БиХ или Советот на министри.
„Страдањето на Србите во и околу Сребреница во текот на тие три години во никој случај не беше инфериорно“, додаде Додик, како одговор неодамнешното ослободување од страна на Хашкиот трибунал на бошњачкиот воен командант Насер Ориќ. Неговата првична пресуда беше поништена овој месец по жалба.
Како и да е, секоја година сé повеќе и повеќе луѓе од Србија доаѓаат во Поточари во знак на сеќавање на Сребреница. Меѓу нив се и членките на Жените во црно, кои велат дека Србија мора да се соочи со своето минато и да ги екстрадира обвинетите за воени злосторства Ратко Младиќ и Радован Караџиќ во Хаг.