14/07/2008
Ослободен од Хашкиот трибунал, поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски беше пречекан како херој во Скопје. Адвокатите на Јохан Тарчуловски, помлад полициски командант, најавија жалба на неговата затворска казна од 12 години.
Од Зоран Николовски за Southeast European Times во Скопје – 14/07/08
![]() Поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски, говори пред поддржувачите изминатиот викенд. [Toмислав Георгиев] |
Поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски, обвинет од Хашкиот трибунал за наводна командна одговорност за воени злосторства, на 10-ти јули беше ослободен по сите точки од обвинението. Но, другиот обвинет, Јохан Тарчуловски, помлад полициски командант, беше осуден на 12 години затвор за убиствата на три лица во селото Љуботен за време на конфликтот во Македонија во 2001 година.
По неговото ослободување, Бошковски беше пречекан како херој во Македонија. Во делегацијата која го пречека на скопскиот аеродром беше и премиерот Никола Груевски, голем број високи официјални претставници, членови на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и припадници на поранешната полициска единица Лавови.
По поминати три и пол години во затвор, Бошковски ја бакна земјата и се причести.
Тој им рече на своите поддржувачи: „Ве поздравувам вас, не само Македонците туку и моите браќа Албанци, Роми, Турци, Бошњаци и Срби, сите што сте спремни да живеете и умрете за Македонија. Во овој миг треба да си проштеваме, наместо да шириме омраза.“
Владата изрази задоволство од ослободувањето на Бошковски од обвиненијата, како и надеж дека Тарчуловски ќе има можност да ги претстави фактите во својот случај. Адвокатот на Тарчуловски најави дека ќе поднесе жалба на пресудата на неговиот клиент.
Демократската унија за интеграција (ДУИ), партија која произлезе од поранешната албанска Ослободителна народна армија (ОНА) -- учесник во конфликтот во 2001 година -- и е сега дел од владата што ја формираше Груевски, официјално не одговори на ослободувањето на Бошковски.
Во согласност со заедничкиот принцип да не се коментира за судските пресуди, ЕУ и НАТО, гарантите на Охридскиот договор, не објавија изјава.
Според обвинителите, за време на рацијата на Љуботен, полицијата брутално ги претепала албанските селани со кундаци или парчиња изгорени дрва. Трибуналот го прогласи Тарчуловски за виновен за три од седумте пријавени убиства.
„Тарчуловски лично ја предводел операцијата и бил со полицајците додека се движеле низ селото“, рече судијата Кевин Паркер.
Тарчуловски бил релативно млад полициски командант и дејствувал по наредба, но Паркер рече: „Тоа не го оправдува вашето однесување“.
Судот го ослободи Бошковски од вина. Обвинителите се обидоа да го убедат Трибуналот дека Бошковски бил одговорен поради тоа што не ги казнил виновните полицајци.
„Не е утврдено дека Љубе Бошковски не ги презел неопходните и разумни мерки за да ги казни полицајците“, рече Паркер.