Турција вети поддршка за „Медитеранскиот клуб“ на Саркози

14/07/2008

Водачите на самитот во Париз дадоа зелено светло за ревидираната верзија на предлогот за Медитеранска унија на францускиот претседател Николас Саркози.

Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 14/07/08

photo

Шефовите на држави присуствуваат на основачкиот самит на Медитеранската унија во недлата (13-ти јули) во Гранд палас во Париз. [Getty Images]

На самитот во Париз во неделата (13-ти јули) водачите на ЕУ, Северна Африка и Блискиот Исток се согласија да формираат нов сојуз за зајакување на соработката во медитеранскиот регион. Инициран од францускиот претседател Николас Саркози, чија земја моментно претседава со ЕУ, истиот е замислен како продолжение на политиката на блокот -- позната како Барселонски процес -- кон медитеранските земји.

Првичниот план на Саркози имаше амбициозни политички цели и имаше за цел да понуди алтернатива за членството во ЕУ за Турција, на која францускиот водач се противи. Сепак, по многу критики, главно од Германија, подготвувачите на истиот направија значајни ревизии -- вклучително и името на сојузот, кое официјално гласи Унија за Медитеранот.

„Европските и медитеранските соништа се неразделиви“, им рече Саркози на водачите на 43 земји во Европа, Блискиот Исток и Северна Африка. „Ќе успеваме заедно и нема да успеваме заедно“.

Вкупно, новата регионална организација вклучува 27 членки на ЕУ и балканските земји Албанија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Турција, како и Алжир, Египет, Израел, Јордан, Либан, Монако, Мароко, Мавританија, Сирија, Тунис и Палестинските територии.

Учесниците рекоа дека новиот сојуз ќе се фокусира на серија регионални проекти како што се: расчистување на загаденоста во Медитеранот и изработка на план за соларната енергија, градење патишта и морски линии, создавање мерки за справување со катастрофи, развој на соларната енергија и поттикнување на образованието, истражувањето и бизнисот.

Организацијата ќе се заснова на три принципи: политичка мобилизација на највисоко ниво преку самити на шефови на држави и влади на секои две години; управување на еднаква основа, во вид на северно-јужно копретседателство и постојан секретаријат со еднаква застапеност и распределба на конкретни проекти со регионална димензија.

Саркози се состана со турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган во неделата изутрина пред самитот и му се заблагодари за ветувањето на Турција дека ќе заземе „активна улога“ во Унијата за Медитеранот. Сакрози ја потврди својата позиција да не се блокираат тековните преговори на Турција со ЕУ за поглавјата кои не предвидуваат полноправно членство.

Ердоган ја потврди важноста на турското продолжување на процесот за ЕУ, и покрај разликите околу конечната цел на преговорите, бидејќи процесот е важен извор на политичката и економската стабилност. „Најважната лекција што ја научивме во оваа географија е дека никој не може да живее во благосостојба и безбедност сам. Нашата историска одговорност е да работиме заедно на остварување на глобалниот мир, безбедност и благосостојба“, рече Ердоган.

Грчкиот премиер Костас Караманлис и романскиот претседател Трајан Башеску ветија поддршка за иницијативата. Кралот Абдула Втори од Јордан и кралот Мохамед Шести од Мароко испратија свои претставници. Либискиот водач Моамер Гадафи беше единствениот арапски водач што го бојкотираше состанокот.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading