08/07/2008
Новата српска влада, чиј приоритет ќе биде брзата европска интеграција, доби парламентарно одобрување по 12-часовната расправа.
Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград -- 08/07/08
![]() Новиот премиер Мирко Цветковиќ во понеделникот (7-ми јули) во Белград ја претстави својата програма пред српскиот парламент. [Getty Images] |
Новата српска влада, која доби парламентарно одобрување со тесно мнозинство во понеделникот (7-ми јули), ќе има дури седум партии и 128 од вкупно 250 парламентарни места. Владата доби 127 гласа од 164 пратеници кои присуствуваа на седницата. Голем број опозициски членови не дојдоа на седницата во знак на протест.
Новата влада ќе ја предводат Демократската партија (ДС) на српскиот претседател Борис Тадиќ и Социјалистичката партија на Србија (СПС) -- која поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ ја предводеше до својата смрт во март 2006 година. Тадиќ и водачот на СПС, Ивица Дачиќ, рекоа дека наскоро ќе потпишат договор за политичко помирување.
Претставникот на ДС и поранешен министер за финансии, Мирко Цветковиќ, ќе биде новиот премиер.
Опозицијата ќе ја сочинуваат Демократската партија на Србија на поранешниот премиер Воислав Коштуница и екстремно десничарската Српска радикална партија, кои заедно имаат 108 пратеници. Тие партии остро го критикуваа новиот кабинет за наводно немање јасна политика за Косово и непретставување на конкретни економски проекти. Тие, исто така, го обвинуваат Цветковиќ дека е „слаба“ фигура која ќе ја крие концентрацијата на власта во рацете на Тадиќ.
Цветковиќ му рече на парламентот дека неговата влада ќе се фокусира на европската иднина на Србија, отфрлањето на независноста на Косово, зајакнувањето на економијата и владиното исполнување на социјалните обврски и посилни мерки против корупцијата и криминалот.
Еден од првите чекори на новата влада ќе биде испраќањето на Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ до парламентот на ратификување, рече тој, додавајќи дека целта на Србија е да добие кандидатски статус во ЕУ до крајот на 2008 или почетокот на 2009 година.
Новата влада ќе има 27 членови, од кои 24 ќе водат министерства, така што оваа влада ќе биде најголема во регионот. Дачиќ од СПС ќе биде вицепремиер и истовремено министер за внатрешни работи. Другите членови на СПС ќе ги предводат министерствата за инфраструктура, енергија и образование. Славица Ѓукиќ-Дејановиќ од СПС е претседателка на парламентот.
Настрана од коалициите предводени од ДС и СПС, новата влада ќе ужива поддршка од шестмина претставници на унгарското и бошњачкото малцинство во Србија. Опозициската Либералдемократска партија, која има 13 места во парламентот, најави дека ќе ја поддржи владата само за одредени работи, првенството за апсењето на тројцата преостанати обвинети на МКТЈ и пристапот на земјата во ЕУ.
Повеќето белградски аналитичари велат дека со оглед на тоа што владата ја сочинуваат многу различни партии, ќе биде тешко да се хармонизираат сите нивни барања. Апсењето на преостанатите тројца обвинети на Хашкиот трибунал и изнаоѓањето заеднички пристап кон Косово, кое прогласи независност од Белград на 17-ти февруари, ќе бидат најголемите предизвици за новата влада, велат тие.
Српските економисти велат дека „амбициозните“ планови на Цветковиќ бараат рестриктивна монетарна политика, спроведување на реформите и пристап во ЕУ.
Според анкетите, Србите повеќе од сите очекуваат новата влада да обезбеди подобар живот, нови работни места и повисоки плати.