07/07/2008
Додека турската владејачка Партија на правдата и развојот (АКП) се соочува со случај за нејзино затворање во Уставниот суд, апсењето на двајцата поранешни генерали и други критичари на АКП за наводно ковање заговор за државен удар го продлабочи конфликтот во турската политика.
Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 07/07/08
![]() Стражари патролираат во затворот со силно обезбедување во анкарското предградие Синчан. [AФП] |
Полицијата во неделата уапси двајца пензионирани генерали во Турција, како дел од истрагата за „терористичката група“ Ергенекон, која наводно планирала атентати и социјални немири за да испровоцира државен удар.
Во последната фаза од 13-месечната истрага, полицијата го притвори Шенер Ерјугур, претседателот на Здружението Ататуркска мисла (АДД), и Хуршит Толон претходно оваа недела, заедно со истакнати новинари, писатели, академици и еден бизнисмен, пред официјално да ги уапси изминатиот викенд. Ерјугур и Толон се првите притворени генерали од висок ранг во турската историја.
Четириесет и осум други осомничени останаа во притвор со месеци и сé уште го чекаат обвинението.
Неодамнешните апсења го продлабочија и онака јасниот конфликт во земјата, при што секуларистичката и националистичка опозиција ја критикуваше исламистичката Партија на правдата и развојот (АКП) дека спроведува „судење за политичка одмазда“.
Првичното апсење на Ерјугур и Толон се случи на 1-ви јули, истиот ден кога АКП ја претстави својата одбрана пред Уставниот суд. АКП се бори против обвинувањата дека планира воспоставување исламистичко владеење во една секуларна земја. Ерјугур и Толон беа водечки фигури во антивладините митинзи во 2007 година.
Спроведувањето на истрагата против Ергенекон, која вклучуваше и апсење на осомничени пред да се претстави каков било јасен доказ и нивно пролонгирано задржување во затвор пред судењето, беше критикувано од страна на секуларните и националистичките медиуми. Критичарите го нарекоа бранот апсења обид за заплашување на опозицијата.
Обвинителството сé уште не издало официјална изјава: сепак провладините весници продолжуваат со објавувањето извадоци од илјадници страници материјал со кој ги снабдува истото. Според овие извештаи, Ергенекон планирал да предизвика социјални немири во 40 провинции на 7-ми јули. Втората фаза од заговорот, наводно, вклучувала одреден број атентати. Ерјугур и Толон ги негираа овие тврдења преку своите адвокати.
Досега турскиот Генералштаб се воздража од мешање во правната постапка, но командантот на Копнените сили, генерал Илкер Басбуг, кој ќе биде задолжен за војската во август, повика на смиреност.
„Сите ние мора да дејствуваме со повеќе здрав разум, повнимателно и поодговорно“, рече тој.
Пензионираниот бригаден генерал Нејат Еслен рече дека истрагата за Ергенекон претставува доказ за една „сериозна и неизбежна битка за власт во Турција ... Сега засега исламистите водат во битката ... [Националистите], од друга страна, се реактивни и неподготвени“, напиша тој во Радикал.
Отфрлајќи ја секоја можност за воено соборување, Еслен ги нарече државните удари - остатоци од времето на Студената војна.