04/07/2008
„Доказот дека се случиле злосторства не е доволен за да се потврди пресудата на еден поединец за овие злосторства“, соопшти апелационата комисија на ОН во четвртокот, поништувајќи ја пресудата за воени злосторства од 2006 година на поранешниот бошњачки воен командант Насер Ориќ.
(AФП, АП, Ројтерс, ДПА, АКИ, ББС, Фена, Бета, Б92, прес-центар на ОН, Меѓународен кривичен трибунал за поранешна Југославија - 03/07/08)
![]() Пресудата против поранешниот командант на силите на босанските муслимани во Сребреница, Насер Ориќ, беше поништена по жалбата на Трибуналот на ОН во Хаг. [Getty Images] |
Поранешен висок бошњачки командант беше ослободен од обвинението за воени злосторства во четвртокот (3-ти јули), кога апелационите судии во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) ја поништија неговата претходна пресуда.
Насер Ориќ (41) беше осуден на две години затвор во јуни 2006 година, откако судската комисија во судот на ОН во Хаг го прогласи за виновен за неспречување на убиството и тортурата на затворениците од босанските Срби затворени во Сребреница помеѓу септември 1992 и март 1993 година. Но, поранешниот бошњачки воен водач беше ослободен од сите други обвиненија, вклучително и за директна вмешаност во убиствата и одговорност за „намерно уништување“ на српските домови и имот.
Апелационата комисија во четвртокот пресуди дека не се исполнети правните услови за да се докаже кривичната одговорност на Ориќ. Затоа, таа ја поништи пресудата и го прогласи за невин.
„Целата пресуда на Насер Ориќ почиваше на таквата одговорност“, рече претседателот на судската комисија Волфганг Шомбург. „Затоа, овие грешки ја прават ништовна одлуката на судската комисија за осуда на Насер Ориќ поради неговото неспречување на наводните кривични дејства на неговите подредени.“
Злосторствата за кои тој беше обвинет се случија повеќе од две години пред масакрот во јули 1995 година во Сребреница, каде што околу 8.000 бошњачки мажи и момчиња беа убиени по кратка постапка од страна на српските сили.
Но, босанските Срби, кои тврдат дека повеќе од 3.000 членови на нивната заедница биле убиени од силите под команда на Ориќ, беа разочарани од новата пресуда и го обвинија МКТЈ за пристрасност против Србите.
Бруно Векариќ, портпаролот на обвинителството на српскиот суд за воени злосторства, рече дека одлуката „нема да придонесе за помирувањето ... и ги поддржува оние кои инсистираат на терминот ,селективна правда’“. Векариќ рече дека некој треба да биде одговорен за злосторствата извршени врз Србите за време на војните. Демократската партија на претседателот Борис Тадиќ рече дека пресудата „го поткопува“ кредибилитетот на МКТЈ.
Ориќ беше уапсен од страна на СФОР на 10-ти април 2003 година и беше пренесен во МКТЈ следниот ден. Со оглед на тоа што тој помина повеќе од три години во притвор додека да му биде изречена пресудата, тој беше веднаш ослободен во четвртокот.
Обвинителството, кое најпрво бараше 18 години затвор за Ориќ, исто така, поднесе жалба на пресудата од 2006 година, но ниту една од основите за жалба не беше дозволена, бидејќи истата не обезбеди никакви дополнителни докази од оние што веќе беа разгледани за време на судењето.
Апелационата комисија, исто така, во четвртокот истакна дека не се сомнева оти се извршени тешки злосторства врз Србите што биле затворени во двата затвори во Сребреница помеѓу септември 1992 и март 1993 година.
„Сепак, доказот дека се случиле злосторства не е доволен за да се потврди пресудата на еден поединец за овие злосторства“, изјавата на МКТЈ ја цитира истата. „Кривичната постапка бара доказот да биде ослободен од разумно сомневање дека обвинетиот е индивидуално одговорен за злосторствата пред да се изрече пресудата.“
Говорејќи по рочиштето, Ориќ рече дека е „среќен“ со исходот.
„Никогаш не верував дека муслиманите вршеа злосторства во Сребреница. Луѓето под тотална опсада се бореа само за да преживеат“, рече тој.