03/07/2008
Спорната граница од 150 километри помеѓу Македонија и Косово беше проблем од добивањето независност на Македонија во 1991 година.
Од Зоран Николовски за Southeast European Times во Скопје -- 03/07/08
![]() Одбележувањето на македонската граница со Косово продолжи по седумгодишниот спор. [Архива] |
Одбележувањето на македонско-косовската граница, на кое се гледа како на предвесник на признавањето на независноста на Косово, започна оваа недела. Работниците го поставија првиот меѓник на северната граница на Македонија со Косово во понеделникот (30-ти јуни), на пирамидата поставена од властите каде што се спојуваат македонската, косовската и албанската граница. Границата долга 150 километри остана неодбележана откако Македонија стекна независност во 1991 година.
„Ова претставува заеднички процес ... и ние очекуваме дека ќе биде решен на најдобар можен начин“, рече косовскиот претседател Фатмир Сејдиу во понеделникот.
Македонија и Србија потпишаа договор со кој се дефинира нивната граница во 2001 година, но Косово одби да го признае делот помеѓу себе и Македонија. Дефинирањето на границата помеѓу двете држави беше дел од планот на поранешниот претставник на ОН, Марти Ахтисари, во 2007 година.
Властите во Приштина велат дека признавањето на независноста на Косово е неопходно и мора да му претходи на одбележувањето. Сепак, македонската влада бараше најпрво одбележување.
По долготрајната размена пораки помеѓу Скопје, Приштина и Белград, градежните тимови најпосле излегоа на терен. Скопје бараше брзо одбележување на граница, но Приштина го доведе во прашање статусот на околу 2.000 хектари шума и пасишта во два региони, додека Белград инсистираше на присуство на свои претставници пред да се случи какво било одбележување.
Пат-позицијата заврши откако властите во Скопје и Приштина формираа заедничка комисија за одбележување на крајот од март.
Според Тодор Нанев, претседател на македонската комисија за одбележување на границата, екипите го поставиле првите шест главни меѓници на првите 12 километри од границата. Тие, исто така, поставуваат бетонски пирамиди со броеви на границата.
Властите очекуваат завршување на одбележувањето во текот на летото, при што темпото зависи од временските услови на планинскиот терен, рече портпаролот на македонското Министерство за надворешни работи, Васко Андоновски.
Според локалните медиуми, одбележувањето започна со ставот на јавноста и не е јасно дали се направени некакви измени од одбележувањето во 2001 година.