02/07/2008
Во вторникот во Турција имаше зголемени политички тензии, откако полиција уапси двајца пензионирани генерали и други познати личности, осомничени дека ковале заговор за соборување на владата. Апсењата се совпаднаа со судскиот случај за затворање на владејачката партија.
(AП, Заман - 02/07/08; AП, Ројтерс, ДПА, ББС, СНН, ФТ, Блумберг, ВОА - 01/07/08)
![]() Турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган (лево) и министерот за внатрешни работи, Бесир Аталај (десно), во вторникот (1-ви јули) во Анкара дадоа изјава за новинарите. [Getty Images] |
Полицијата уапси скоро дваесеттина луѓе, вклучително и двајца пензионирани генерали, рано во вторникот (1-ви јули), осомничени за вмешаност во наводен заговор против владата на Партијата на правдата и развојот (АКП).
Помеѓу 21 лице приведени во Анкара, Истанбул, Анталија и Трабзон, беа и пензионираните генерали Хурсит Толон и Сенер Ерујгур. Телевизијата СНН-Турк рече дека двајцата се највисоко рангираните поранешни војници уапсени од почетокот на истрагата, до која дојде по откривањето на скривалиштето со оружје во Истанбул пред една година.
Премиерот Реџеп Тајип Ердоган ја поврза чистката со долготрајната истрага за сомнителната мрежа на екстремните нациоалисти и убедени секуларисти наречена Ергенекон. Ердоган рече дека инспекторите се сомневале оти групата планира терористички дејства за да поттикнат преземање на армијата.
Ерујгур, кој е еден од клучните организатори на антивладините митинзи што се одржаа пред изборите во јули 2007 година, го предводи секуларистичкото Здружение Ататуркска мисла (АДД), наречено според Кемал Ататурк, основачот на турската република. Најмалку десетмина од приведените во вторникот, исто така, се припадници на таа моќна организација. Толон, според весникот Заман, честопати се појавувал на форуми организирани од ултранационалистите.
Судски извори велат дека очекуваат обвинение до крајот на оваа недела. Рацијата се одржа неколку часа пред главниот обвинител на турскиот Врховен апелационен суд, Абдурахман Јалцинкаја, да го претстави својот случај против АКП пред Уставниот суд на земјата.
Ердоган ги негираше наводите дека полицијата ја спровела операцијата за да го сврти вниманието на јавноста од судскиот случај, како и дека полицајците дејствувале според политички мотиви или дека сакале да ги заплашат критичарите на владата.
Јалцинкаја го поднесе својот случај во март, барајќи од Уставниот суд да ја затвори АКП поради нејзината наводна вмешаност во антисекуларистички активности и обиди за наметнување шеријатско право.
„Овој ризик се зголемува секој ден“, ББС пренесе дел од петицијата на обвинителот на 162 страници. „Нема друг начин да се заштити општеството освен да се затвори партијата.“ Јалцинкаја ја наведе дозволата за студентките да носат шамии и ограничувањето на продажбата на алкохол во рестораните како доказ за теократските намери на АКП.
Тој, исто така, побара од највисокиот суд во Турција да им забрани на 71 политичар, вклучително и на Ердоган и претседателот Абдула Ѓул да се занимаваат со политика пет години.
Партијата на Ердоган, чии корени се во политичкиот ислам, освои 47 отсто од гласовите во 2007 година и ужива комотно мнозинство во парламентот.
АКП, во одбраната која е поголема од 400 страници, инсистира на тоа дека случајот претставува „кршење на правото на слободен говор“ и „правото на слободни избори“. Партијата предупредува дека каква било поддршка за затворањето на партијата ќе значи поништување на нејзината победа на демократски избори.
Високи претставници во Брисел, исто така, предупредија дека случајот може да ја поткопа кандидатурата на Турција за членство во ЕУ. Споровите од ваков вид им припаѓаат на гласачките кутии, а не на судниците, според комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's