ОХР ќе остане во БиХ додека владата не ги исполни условите

27/06/2008

На крајот од својот дводневен состанок во Сараево, политичките директори на Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот истакнаа дека само целосното исполнување на договорените цели и услови може да го заврши мандат на ОХР во БиХ.

Од Антонио Прленда за Southeast European Times во Сараево -- 27/06/08

photo

Премиерот на БиХ Никола Шпириќ рече „оние кои повикуваат на понатамошно постоење на ОХР во БиХ не го признаваат кредибилитетот на домашните институции“. [Getty Images]

Политичките директори на Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот (ПИК) оваа недела во Сараево одлучи дека Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) ќе остане во Босна и Херцеговина (БиХ) сé додека земјата не ги исполни сите пет цели и два услови одредени на состанокот на ПИК во Брисел на 27-ми февруари.

На крајот од својата дводневна седница во средата (25-ти јуни) во Сараево политичките директори истакнаа дека потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација (ДСА) пред две недели го исполни првиот од двата услови за трансформацијата на ОХР во Канцеларија на специјалниот претставник на Европската унија (ЕУСР). Сепак, во заедничкото комунике, тие ги повикаа политичките водачи во БиХ да ги исполнат преостанатите критериуми.

Во тој поглед, владата мора да го реши проблемот на државниот имот и недвижностите што ги поседува одбраната. Таа, исто така, треба да го дефинира статусот на округот Брчко за да го заврши Финалното доделување на Брчко. Во поглед на фискалната одржливост, неопходно е формирањето Фискален совет. Владата, понатаму, мора да усвои национална политика за воените злосторства за да го утврди владеењето на правото.

Управниот одбор на ПИК, исто така, ја потврди потребата на владата за исполнување на вториот услов, добивање позитивна оценка од ПИК за ситуацијата во БиХ, преку целосно почитување на Дејтонскиот договор и избегнување провокативни дејства.

Руската делегација одби да го потпише комуникето бидејќи инсистираше на фиксен датум за завршување на мандатот на ОХР.

„Другите членови на ОХР не можеа да го прифатат [руското] барање бидејќи истото би било спротивно на целата филозофија, која се базира на резултати, а не на време“, рече подоцна високиот претставник во БиХ, Мирослав Лајчак.

Сепак, некои власти бараат итно затворање на ОХР. Премиерот на БиХ Никола Шпириќ на состанокот на ПИК рече дека „оние кои повикуваат на понатамошно постоење на ОХР во БиХ не го признаваат кредибилитетот на домашните институции“.

Членот на претседателството на БиХ Харис Силајџиќ, претседател на Партијата за БиХ, истакна дека мнозинството од неговите сопартијци што присуствуваа на состанокот се спротивставија на затворањето на ОХР сега. Членовите на ПИК и претставниците на институциите во БиХ едногласно рекоа дека уставните реформи се неопходни и дека ваквите активности ќе започнат по локалните избори во октомври.

„Сепак, јас не сум за вештачко поврзување на мандатот на ОХР со новиот устав“, истакна Лајчак. Тој рече дека следниот состанок на политичките директори на ПИК ќе се одржи во ноември во Сараево.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading