26/06/2008
Македонската општина Сопиште ја блокира изградбата на складиште за нуклеарен отпад на својата територија. Меѓународните регулативи ја обврзуваат земјата да изгради постојан капацитет.
Од Зоран Николовски за Southeast European Times во Скопје -- 26/06/08
![]() Работниците моментно го складираат отпадот во привремени депонии. [Getty Images] |
Македонија, според меѓународните регулативи што важат за земјите со нуклеарен отпад, мора да изгради складиште за чување на радиоактивните материјали. Но, противењето на жителите на потенцијалните локации й оневозможи на земјата да го исполни ова барање. Борбата за наоѓање локација за складиштето трае веќе пет години.
Последниот случај што го привлече вниманието на јавноста се однесува на општина Сопиште, надвор од Скопје, која одбива да дозволи изградба на складиште на својата територија.
Капацитетот ќе ги складира остатоците од инструментите што користат радиоактивни елементи -- како што се стари громобрани или лабораториски и рендгенски остатоци. Во моментов нуклеарниот отпад на земјата се складира во привремените депонии на небезбедни урбани локации, имено, на земјиштето на Институтот за металургија и поранешниот Центар за радиоизотопија.
Извори на Дирекцијата за радијациска сигурност велат дека овие привремени капацитети ги исполнуваат безбедносните стандарди, но независните експерти велат дека тие не треба бидат лоцирани во населени места.
Дирекцијата вели дека постојано складиште од 50 метри квадратни е потребно за следните 100 години и дека тоа треба да се наоѓа на 10 до 15 километри оддалеченост од населено место.
Еден ваков капацитет мора да ги следи меѓународните регулативи. Бетонските ѕидови на складиштето мора да имаат дебелина од еден метар. Преносот на отпадот мора да се врши во специјални возила или оловни контејнери, со цел да се спречи радијација поголема од 0,25 микросиверти на час, горна граница за јонизирачката радијација во Македонија.
Македонија мора да управува безбедно со нуклеарниот отпад, во согласност со Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Покрај ова, во 1995 година, Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) ја задолжи Македонија да изгради складиште за радиоактивен отпад -- што не е остварено.
Во 2005 година властите се обидоа да определат локација во близина на аеродромот Петровец, но жителите на блиските места, исто така, ја спречија изградбата. Претходно овој месец, советот на општина Сопиште одлучи да ги забрани сите активности поврзани со радиоактивниот отпад, откако доби информации за можната изградба на складиште на својата територија.
„Сопиште е прогласена за еколошки чиста општина, и таа го празнува Светскиот ден на животната средина, така што нема да дозволи изградба на една ваква локација на местото каде што се наоѓаат Езерото Козјак, реката Треска и ловиштето Јасен, односно, таму каде што има недопрен природен амбиент“, рече градоначалникот Љупчо Мицковски-Кец.
Дирекцијата вели дека сé уште не ја избрала локацијата и дека чека на инструкции од ИАЕА.