26/06/2008
Борбата против корупцијата е ослабната во повеќето земји од Југоисточна Европа, според новиот извештај на Светската банка за управувањето, објавен во вторникот.
(Дневник, Europe.bg, Hotnews.ro - 25/06/08; ДПА, ИПС, Светска банка - 24/06/08)
![]() Според извештајот, Бугарија се рангира помеѓу најкорумпираните земји-членки на ЕУ. [File] |
Само пет земји од Југоисточна Европа (ЈИЕ) постигнаа напредок во борбата против корупцијата во 2007 година, објави Светската банка во новиот извештај од вторникот (24-ти јуни). Косово и Бугарија се помеѓу другите седум земји кои заслабнале на овој фронт, според годишниот извештај на банката Светски индикатори на управувањето (ВГИ).
Студијата покрива 212 земји и територии, извлекувајќи податоци од 35 различни извори. Банката го мери управувањето во опфатените земји врз основа на шест критериуми: гласот и одговорноста, политичката стабилност, владината ефективност, регулаторниот квалитет, владеењето на правото и контролата на корупцијата. За секој од овие индикатори, земјите добиваат од 0 до 100 поени или процентен рејтинг.
Со 25,6 поени за 2007 година, Косово има најлоши остварувања помеѓу земјите од ЈИЕ во борбата против корупцијата и е земја со најголемо влошување од 2006 година, кога доби 34 поени. Резултатите на Бугарија во оваа категорија се, исто така, влошени. Нејзините 53,1 поени за минатата година се за 3,7 поени помалку од 2006 година, што ја прави земја со најлоши резултати во борбата против корупцијата помеѓу членките на ЕУ.
Босна и Херцеговина (БиХ) и Грција добија 44,9, односно 65,7 поени, што е за 3,2 поени помалку од претходната година. Кипар доби 74,9 за 2007 година, што е намалување од 77,7 во 2007 година. Хрватска (58,9) и Србија (46,4) паднаа за 0,8, односно 0,2 поени.
Албанија, пак, со 36,7 се подобри за 7,6 поени. Романија (55,6), исто така, постигна значителен напредок, добивајќи 7,1 поен за една година. Македонија (50,7), Црна Гора (44,4) и Турција (59,4) добија повеќе поени за 2007 година.
Во поглед на индикаторот глас и одговорност, сите земји од ЈИЕ, освен БиХ, Косово, Романија и Турција, ги подобрија своите резултати.
Политичката стабилност се влошила највеќе во Турција, Србија и БиХ. Кипар (64,4), Грција (63,0) и Бугарија (6,1) имаа најдобри остварувања по овој индикатор.
Кипар (89,6), Хрватска (70,0), Грција (69,7) и Турција (63,5) беа помеѓу земјите во регионот со најдобри резултати во поглед на владината ефективност.
Сите земји од ЈИЕ ги подобрија своите резултати за регулаторниот квалитет.
Освен БиХ, Македонија, Србија и Турција, сите земји во регионот, исто така, ги подобриле или задржале резултатите во нивното владеење на правото од 2006 година.
„И покрај придобивките на властите во некои земји, целокупниот квалитет на управување низ целиот свет не се подобрил многу во изминатата деценија“, се вели во заклучокот на извештајот на ВГИ.