Србите му оддадоа последна почит на кралот на ромската музика

25/06/2008

„Неговата смрт е голема загуба за музиката и јас не сум сигурен дека младите генерации ќе пеат како што пееше тој“, рече неговиот колега-музичар Крешимир Томец за покојниот Шабан Бајрамовиќ.

Од Давор Коњикушиќ за Southeast European Times во Белград -- 25/06/08

photo

Шабан Бајрамовиќ почина претходно овој месец. [Архива]

„Кралот на ромската музика“, 72-годишниот Шабан Бајрамовиќ, почина од срцев удар на 8-ми јуни во Ниш. Во текот на својата кариера Бајрамовиќ, кој беше прославен не само на Балканот, туку и низ целиот свет, сними 20 албуми, објави околу 50 синглови и напиша и аранжираше повеќе од 700 песни. Повеќе од 20 години тој беше водач на групата „Црна мамба“. Исто така, глумеше и во неколку филмови.

Неговата музичка кариера започна откако отиде во затвор поради дезертирањето од Југословенската армија, наводно, поради романса со девојка. Според кажувањето на Бајрамовиќ, воениот суд најпрво го осудил на три години затвор. Откако му кажал на судот дека може да издржи секаква казна, истиот му ја зголемил казната на пет и пол години.

Затворен на Голи Оток, остров во Јадранското Море на кој биле носени повеќето политички затвореници од времето на Тито, Бајрамовиќ станал дел од затвореничкиот оркестар. Истиот свирел песни кои ги прославија Френк Синатра и Џон Колтрејн, меѓу другите. Бајрамовиќ подоцна го нарече затворот негов „факултет на животот“, велејќи дека научил да чита и пишува таму. По заминувањето од затвор, тој ја издаде својата прва песна во 1964 година.

И покрај долгата и извонредна кариера, Бајрамовиќ се соочи со тешки времиња. Кога јавноста дозна дека е болен и сиромашен на стари години, министерот за труд и социјална политика, Расим Љајиќ, се погрижи тој да добие помош од владата. Бајрамовиќ за новинарите на почетокот од јуни изјави: „Никој не доаѓа на мојата врата, ниту ми телефонира да ме праша како сум“. До самиот крај на својот живот, тој живееше во ромската населба во близина на Ниш.

На неговиот погреб на 11-ти јуни, околу 10.000 ожалостени луѓе, меѓу кои и претседателот Борис Тадиќ, поранешниот премиер Зоран Живковиќ и филмскиот режисер Горан Паскаљевиќ. Претставници на Џез фестивалот Нишвил покренаа иницијатива за именување на една улица во Ниш по него.

Колегите-музичари му оддадоа почит. „Смртта на Шабан е уште една шанса да се размисли за проблемот на Ромите на Балканот, но истовремено, почина еден голем човек кој остана верен на својот уникатен начин на живот ... Ова е клучен момент да им се оддаде признание на Ромите кои ја зачуваа својата музичка традиција“, рече Бојан Ѓорѓевиќ, директор на музичкиот фестивал „Ринг ринг“ и менаџер на Оркестарот Бобан Марковиќ, за Southeast European Times.

Хрватската група Кубисмо имаше неколку настапи со него. „Неговата смрт е голема загуба за музиката и јас не сум сигурен дека младите генерации ќе пеат како што пееше тој“, рече членот на групата Крешимир Томец.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading