24/06/2008
„КФОР е тука; тука е за да остане“, рече шефот на НАТО, Јап де Хоп Шефер, за време на посетата на Приштина во понеделникот.
Од Блерта Фониќи-Кабаши за Southeast European Times во Приштина -- 24/06/08
![]() Шефот на НАТО, Јап де Хоп Шефер (во средината) и командантот на КФОР, генерал Ксавиер Бу де Марнак (десно), во понеделникот (23-ти јуни) во Приштина. [Лаура Хасани] |
Генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер, во понеделникот (23-ти јуни) во Приштина објави дека новите Косовски безбедносни сили нема да бидат армија, туку ќе имаат „специфични задачи“.
„НАТО ќе ја води трансформацијата на сегашниот Косовски заштитен корпус и формирањето на Косовските безбедносни сили, кои ќе имаат 2.500 припадници и околу 800 резервисти со специфични должности“, рече Де Хоп Шефер, на прес-конференцијата во Приштина по состанокот со претседателот Фатмир Сејдиу, премиерот Хашим Тачи и претседателот на парламентот, Јакуп Красниќи.
Де Хоп Шефер објасна дека одлуката за персоналот дошла од НАТО. „Верувам дека ќе имаме мултиетнички сили под мандат на КФОР“, предвиде тој.
Тој истакна дека ако ситуацијата стане кревка, НАТО ќе ја засили својата мисија во Косово. Тој рече дека задачата на 16.000 припадници на КФОР е гарантирање на мирот и безбедноста за мнозинството и за малцинските заедници.
„КФОР е тука; тука е за да остане. КФОР има мандат и неопходен број војници и ако биде потребно, КФОР има засилување“, рече Де Хоп Шефер.
Што се однесува до новата меѓународна цивилна мисија во Косово, шефот на НАТО рече дека побарал соработка помеѓу ОН и ЕУ, како и со НАТО. „Овојпат, многу е важно да се има соработка помеѓу сите меѓународни организации“, рече тој.
„Уверен сум дека по овие разговори, ние ќе имаме подобар однос“, продолжи тој, додавајќи дека на крајот персоналот на УНМИК ќе биде намален и е важно КФОР да остане под негов мандат во соработката со другите организации.
Од друга страна, тој ја отфрли можноста за поделено Косово, велејќи „нема опција за каков било вид поделба“.
Де Хоп Шефер рече дека мировните сили предводени од НАТО во Косово ќе продолжат да работат во рамките на своите надлежности, дефинирани со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.
Тој ја опиша позицијата на НАТО во врска со статусот на Косово како неутрална. „Признавањето не е наша работа. Имаме членки на НАТО кои го признаваат Косово и членки кои не го признаваат Косово, но важно е да се знае дека сите сојузници на НАТО се во КФОР и ќе останат таму“, рече Де Хоп Шефер.