23/06/2008
Планот на генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, поднесен до Советот за безбедност во петокот препорачува повлекување на УНМИК од Косово, со што ќе й се дозволи на мисијата на ЕУ да ја преземе надлежноста за новата независна држава.
Од Блерта Фониќи-Кабаши за Southeast European Times во Косово -- 23/06/08
![]() Генералниот секретар, Бан Ки-Мун, рече дека ОН мора да ја прифатат „[длабоко] новата реалност“ откако Косово еднострано прогласи независност. [Getty Images] |
Мнозинството земји-членки на ОН се согласија со новиот план на генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, за меѓународно присуство во Косово на состанокот на Советот за безбедност во петокот (20-ти јуни). Сепак, советот од 15 членови, не гласаше за предлогот на Бан и продолжува со дебатата за тоа дали законски мора да го одобри планот.
Бан му рече на Советот дека ОН мора да ја прифатат „[длабоко] новата реалност“ откако Косово еднострано прогласи независност на 17-ти февруари. Тој рече дека ОН не можат да се справат со повеќето задачи во новата држава. „Ова мора да биде признаено како животен факт“, рече тој.
Шефот на ОН, исто така, го назначи италијанскиот дипломат Ламберто Заниер да ја преземе функцијата управител на ОН во Косово. Заниер, кој во петокот беше во Приштина, рече дека ќе се заложи за отпочнување разговори помеѓу етничкото албанско мнозинство и српското малцинство во Косово.
Косовскиот претседател Фатмир Сејдиу и српскиот колега, Борис Тадиќ, присуствуваа на состанокот. Тадиќ потврди дека земјата нема никогаш да ја признае независноста на Косово и дека мисијата на ЕУ планирана за поранешната покраина е нелегална.
„УНМИК не треба да си замине од Косово. Само Советот за безбедност може да одлучи за промена на ситуацијата“, рече Тадиќ. Русија, една од петте членки со право на вето, исто така тврди дека советот мора да одобри една ваква мисија. Земјата инсистира на тоа дека УНМИК треба да остане во Косово, став што ја блокира ЕУ да й помогне на поранешната покраина да ја зацврсти својата независност.
„Ние сметаме дека е незаконски без соодветни санкции од Советот за безбедност да се распореди т.н. мисија на ЕУ за владеење на правото“, рече рускиот амбасадор во ОН, Витали Чуркин.
Голем број од членките на ЕУ не се согласуваат со Русија, останувајќи на ставот дека за предлогот и мисијата не треба формално одобрение од Советот, бидејќи ОН во суштина ги предава своите секојдневни оперативни задачи, а на крајот сепак останува надлежна.
Американскиот, британскиот и хрватскиот амбасадор, исто така, го прифатија предлогот на Бан за реструктуирање на УНМИК. Тие го повикаа Белград да ја релаксира својата косовска политика.
„Ја прифаќаме изјавата на Бан Ки-Мун дека новата реалност во Косово треба да биде во согласност со постојните стандарди“, рече британскиот постојан претставник, сер Џон Соерс, во петокот.
Косово може да се управува себеси и УНМИК не треба да има голема улога во независната држава, рече американскиот амбасадор во ОН, Залмај Калилзад. „Советот треба да биде охрабрен од брзиот напредок што Косово го постигна од независноста -- овој напредок ја оправдува одлуката на генералниот секретар за реструктуирање на присуството на ОН“, рече тој.
Сејдиу рече дека присуството на УНМИК треба да се намали и ЕУЛЕКС треба да започне со работа. Тој рече дека „тесно ќе соработуваат“ со ОН во процесот на промена на нивната улога, од која дел ќе биде и обезбедувањето сигурност во областите на српските малцинства.