23/06/2008
Коалицијата предводена од Социјалистичката партија на Србија започна разговори со проевропскиот блок, предводен од српскиот претседател Борис Тадиќ.
Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград -- 23/06/08
![]() Српската Социјалистичка партија, наводно, започнала разговори за формирање нова влада со Демократската партија на Борис Тадиќ. [Архива] |
Претседателот на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ -- чија партија е на позиција да одлучи за новата владина коалиција -- ги прекина преговорите за коалиција со Српската радикална партија и Демократската партија на Србија (ДСС) на премиерот Воислав Коштуница.
По овие разговори, кои траеја од изборите на 11-ти мај, коалицијата предводена од социјалистите започна преговори со коалицијата „За европска Србија“, предводена од Демократската партија (ДС) на претседателот Борис Тадиќ.
Аналитичарите велат дека по ова клучно свртување на Социјалистичката партија, нема да треба многу време за да се организира нова влада, во чие средиште ќе бидат демократите на Тадиќ и социјалистите.
Дачиќ рече дека не е возможен договор со Коштуница и радикалите, кои веруваат дека Србија треба да се спротивстави на интеграцијата во ЕУ додека членките на Унијата не се согласат дека Косово, кое прогласи независност на 17-ти февруари, е дел од Србија.
Социјалистите и нивните коалициски партнери, Партијата на обединетите пензионери на Србија и регионалната партија, Обединета Србија, се залагаат за тоа веднаш да се ратификува Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ.
Сепак, ДСС ги обвини социјалистите дека не се искрени во преговорите, опишувајќи го целиот процес како „претстава за јавноста“. „Владите формирани на тајни состаноци и под влијание на магнатите и странските амбасадори, нема да й донесат добро на Србија“, рече портпаролот на ДСС, Андреја Младеновиќ.
ДС и социјалистите го одржаа својот прв официјален состанок во саботата вечер. Тадиќ потоа рече дека преговарачите постигнале договор за принципите што ќе ја водат новата влада, и тоа: понатамошната интеграција во ЕУ, борбата за задржување на Косово во Србија и економскиот напредок.
„Што поскоро биде формирана влада, тоа повеќе време ќе имаме за да работиме на остварување на нејзините цели и на ... формирање социјално одговорна влада“, рече Тадиќ.
Аналитичарите велат дека изборот на официјалните претставници нема да биде проблем за новата влада, иако социјалистите и демократите беа големи противници во минатите години. Некои дури и очекуваат нова влада до крајот на јуни. Сепак, општинската политика на Белград, каде што социјалистите веќе влегоа во коалиција со ДСС и радикалите, би можела да биде проблем.
Коалицискиот партнер на демократите на Тадиќ, партијата Г17 Плус, објави дека нема да ја поддржи владата со социјалистите, ако тие не го прекинат своето коалицирање со радикалите во Белград. Без Г17 Плус, ќе биде невозможно да се формира нова државна влада.