19/06/2008
Како домаќин на Евровизија 2008, Србија ги надмина своите претходници, организирајќи два полуфинални натпревари и голем број проби, заедно со финалето.
Од Давор Коњикушиќ за Southeast European Times во Белград -- 19/06/08
![]() [Getty Images] |
Белград успеа да биде добар домаќин на Евровизија 2008 минатиот месец, извлекувајќи трговска и економска корист и привлекувајќи туристи во Србија.
Организацијата на натпреварот ја чинеше Србија 21 милион евра. Државната радиотелевизија (РТС) потроши 8,5 милиони евра, додека државата й даде на РТС повеќе од 10 милиони евра за купување опрема со висока дефиниција. Само градот Белград инвестираше 2 милиони евра.
За време на настанот, помеѓу 11.000 и 15.000 туристи го посетија Белград и донесоа околу 10 милиони евра директен приход. Посетата на туристите донесе околу 15 милиони евра севкупно за Србија, како што соопшти српскиот медиумски извршен продуцент за Евровизија 2008, Сандра Суша.
„Внимававме на секое евро ... РТС потроши 8,5 милиони евра, но Србија профитираше повеќе од една милијарда евра ... За време на десетдневниот престој во Белград [новинарите] уживаа во нашиот град и ги доживеаја Србите како пријателски и отворен народ, кој знае како да живее“, рече директорот на РТС, Александар Тијаниќ, по настанот. Сепак, крајниот финансиски извештај за настанот ќе биде објавен следниот месец.
Mедиумските експерти се согласија дека рекламата за Белград ги надмина сите приходи од настанот. „Одлично е да се има ваков вид реклама, кога милиони луѓе ве гледаат и кога толку добро сте го организирале настанот. Конечно, направивме нешто од голем размер“, изјави еден уредник на белградски весник за Southeast European Times.
Светските медиуми ги пофалија напорите на Белград.
„Евровизија 2008 во Белград ќе остане запаметена како извонредно шоу“, пишува ИТАР-ТАСС. „Србите ја искористија својата шанса да го променат својот имиџ во светот, од оној што го имаа под Милошевиќ, на сегашна Србија како нормална земја“, истакна СНН. „Србија и Белград докажаа дека се дел од Европа“ објави ББС.
Поголем дел од 3.500 новинари што го покриваа музичкиот натпревар се согласија дека организацијата беше одлична. Многумина изразија фасцинираност од белградската Арена, каде што се одржа натпреварот и каде што сцената ги симболизираше сливовите на двете белградски реки, Сава и Дунав.