Бугарија прави чекори кон визната либерализација со САД

19/06/2008

Прелиминарниот договор од програмата на САД за укинување на визниот режим, беше помеѓу договорите што ги потпиша бугарскиот премиер Сергеј Станишев за време на тридневната официјална посета на САД, која заврши во средата.

(Белата куќа, Софија ечо, СНА, Дневник, Медиапул, бугарска влада - 18/06/08; AФП, ДПА, американски Оддел за домашна безбедност, Софија ечо, СНА, Дневник, Медиапул - 17/06/08)

photo

Американскиот претседател Џорџ В. Буш (десно) во средата (18-ти јуни) се состана со бугарскиот премиер Сергеј Станишев во Белата куќа. [Getty Images]

Бугарија потпиша прелиминарен договор со Соединетите Држави оваа недела, правејќи значаен чекор кон вклучувањето во американската програма за безвизно патување.

Бугарскиот премиер Сергеј Станишев рече дека договорот претставува „важен чекор“, на крајот од својата официјална посета на Соединетите Држави, која вклучуваше и разговори со претседателот Џорџ В. Буш во средата (18-ти јуни).

Бугарскиот министер за надворешни работи, Ивајло Калфин, и американскиот министер за внатрешна безбедност, Михаил Чертоф, во вторникот потпиша привремена декларација од американската Програма за либерализација на визниот режим. Во неа се истакнуваат барањата што Бугарија мора да ги исполни за да им се приклучи на 27-те азиски и европски земји што се моментно вклучени во програмата.

„Со нетрпение очекувам [да ги поздравам] првите патници ослободени од визи што ќе пристигнат од Бугарија“, рече Чертоф, одбивајќи да шпекулира кога би можело тоа да се случи.

Станишев во вторникот рече дека неговата влада веќе работи на условот за издавање биометрички пасоши.

„Денес, поради напорната работа на премиерот, е направен важен чекор во визната либерализација“, рече Буш по состанокот со Станишев.

Тој, исто така, го пофали бугарскиот водач за борбата против корупцијата. „Го потсетив премиерот дека сите ние имаме одговорност да се справиме со корупцијата“, рече тој.

Буш й се заблагодари на Бугарија за улогата што ја има во Западен Балкан, за нејзиниот „силен придонес и помошта другите да го сфатат благословот на слободата, без оглед дали се работи за Авганистан или Ирак“ и за нејзините жртви.

Двајцата водачи, исто така, разговараа за нуклеарната енергија и разновидноста на енергетските резерви.

Во разговорите со американскиот министер за енергија, Семјуел Бодман, во вторникот, Станишев рече дека американските инвеститори треба да ги искористат бугарските можности, особено во енергијата. Тој изрази надеж дека Соединетите Држави и другите земји ќе ја зајакнат својата поддршка за проектот за нафтоводот поддржан од ЕУ Набуко, кој ќе носи природен гас од Каспиското Море преку Турција и балканските земји.

Во вторникот американската Федерална авијациска администрација ја потврди усогласеноста на Бугарија со меѓународните безбедносни стандарди, навестувајќи го враќањето на нон-стоп летовите помеѓу САД и Бугарија.

Бугарската делегација потпиша уште два други договори: спогодба за неширење на оружјето за масовни уништување и соработка во одбраната, како и меморандум за разбирање помеѓу бугарското Министерство за внатрешни работи и американскиот Енергетски оддел за шверц со нуклеарни и други радиоактивни материјали.

Покрај Калфин, бугарската делегација ги вклучуваше и министерот за економија и енергија, Петер Димитров, и министерот за одбрана, Николај Цонев.

Станишев, исто така, се состана со министерот за одбрана, Роберт Гејтс, и претседателката на домот, Ненси Пелоси, помеѓу другите американски функционери.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading