Букурешт го избра својот прв независен градоначалник

18/06/2008

Сега кога Букурешт го избра својот прв независен кандидат за градоначалник, различни политички партии разговараат за формирање коалиции за престојните општи избори.

Од Пол Чикој за Southeast European Times во Букурешт -- 18/06/08

photo

Независниот кандидат Сорин Опреску е новиот градоначалник на Букурешт. [Габриел Петреску]

Независниот кандидат Сорин Опреску победи на вториот круг од изборите за градоначалник на Букурешт во неделата (15-ти јуни), поразувајќи го либералдемократот Василе Блага со 57 отсто наспрема 43 отсто од гласовите, според Општинското изборно биро (БЕМ).

„Бев избран како независен кандидат на оваа функција. Не сакам да ја изгубам мојата независност, без оглед на понудите“, рече Опреску во понеделникот вечер. Тој додаде: Остварувања во Градското собрание, независност во советот и резултати на теренот. Тие ќе го водат мојот мандат.

Помеѓу неговите приоритети се претворањето на Букурешт во „ИТ град“, преку промовирање на државно-приватни партнерства, развој на патиштата и инфраструктурата, организирање референдум за долготрајниот проблем со кучињата-скитници, создавање голем план за привлекување средства на ЕУ и претворање на Букурешт во град „за живеење, а не само за населување“.

Опреску е хирург и професор, кој безуспешно се кандидираше за градоначалник во 1998 и 2000 година. Беше сенатор кој го претставуваше Букурешт во изминатите осум години. Опреску, кој беше поткрепа на Социјалдемократската партија (ПСД), се повлече од левичарската партија во април, по 13 години внатрешни разидувања во врска со градоначалничката кандидатура. Сепак, ПСД го поддржа Опреску по првиот круг избори.

Веднаш откако неговата победа беше потврдена, Опреску се состана со премиерот Калин Попеску Таричеану. Тој објасна дека тие неформално разговарале за проектите што планира да ги спроведе во Букурешт.

Неговата работа во Градското собрание нема да биде лесна, велат аналитичарите, главно поради тоа што Либералдемократската партија (ПДЛ) и партијата Нова генерација постигнаа договор во вторникот за формирање мнозинство во Генералниот совет на главниот град, каде што двете партии ќе имаат 28 од 55 места. Опреску ужива поддршка од само 16 советници на ПСД и 8 либерални советници. Националистичката партија Поголема Романија (ПРМ), претставена со тројца советници, вели дека ќе се воздржи од приклучување на која било од двете коалиции.

Аналитичарите ги окарактеризираат резултатите на локалните избори во државата како изненадувачки за ПДЛ. Партијата, која се смета за главна политичка партија во Романија, освои нешто помалку од 30 отсто од гласовите на национално ниво, приближно како левичарската ПСД. ПДЛ на претседателот Трајан Башеску се надеваше дека ќе формира нова влада по општите избори оваа есен, но нејзините лоши резултати може да ја принудат да формира коалиција.

На локално ниво, либералите и ПСД започнаа преговори за блокирање на ПДЛ во локалните и окружните совети. На национално ниво, ПСД и Конзервативната партија веќе започнаа преговори за идните коалиции што ќе учествуваат на општите избори.

ПДЛ освои 15 места на градоначалничките избори, додека ПСД и либералите освоија 12, односно 7. Сé на сé, ПСД дојде на чело на 1.059 градови и општини, по што следи ПДЛ (878 градови и општини) и либералите (680).

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading