13/06/2008
САД ја поддржаа интеграцијата на Турција во ЕУ во време на зголемени стравувања дека актуелната криза на Турција и француските напори за блокирање на нејзиното членство во ЕУ би можеле да ги попречат напорите на Анкара.
Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 13/06/08
![]() Францускиот државен секретар за европски прашања, Жан-Пјер Жује, рече дека планот за ставање на референдум на кандидатурата на Турција за влез во ЕУ, претставува „навреда“. [Getty Images] |
Американскиот претседател Џорџ В. Буш во вторникот (10-ти јуни) ги повика европските сојузници да ја поддржат турската стратешки важна ориентација кон ЕУ. „Ние силно веруваме дека Турција треба да биде членка на ЕУ и ги цениме остварувањата на Турција во демократските реформи и реформите на слободниот пазар, како и работењето на остварувањето на своите аспирации кон ЕУ“, рече Буш по самитот САД-ЕУ во Словенија.
Буш го изјави ова во време кога Франција, докажан спептик за аспирациите на Турција кон ЕУ, се подготвува да го преземе ротирачкото шестмесечно претседателство со ЕУ на 1-ви јули.
Освен противењата на Франција, актуелната политичка криза во Турција, при што владејачката Партија на правдата и развојот, која има исламски корени, се соочува со можно затворање за наводно поткопување на секуларизмот, може да му наштети на процесот на влез на земјата во ЕУ. Шефот за проширување на ЕУ, Оли Рен, го наведе можниот прекин на преговорите за пристапување ако Турција не ги испочитува демократските принципи.
„Противниците на турското членство, најверојатно, ќе го искористат затворањето на турската популарна владејачка партија како понатамошен мотив за насочување на Турција кон специјален однос со ЕУ“, пишува д-р Јан Лесер од германскиот Маршалов фонд.
„Преговорите, откако ќе бидат прекинати, може да биде многу тешко да продолжат.“ Турската поддршка за процесот и вербата во ЕУ продолжува да опаѓаат. Околу 75 отсто од Турција го поддржуваа процесот на членство во ЕУ во 2004 година. Оваа бројка падна до 49 отсто во последното истражување на „Евробарометар“.
Контроверзниот чекор на француските политичари може уште повеќе да го поткопа кредибилитетот на проевропските сили во Турција. На крајот од минатиот месец француското собрание одобри закон со кој овозможува распишување референдум за прифаќање на можното членство на Турција во иднина.
Во јануари Париз се откажа од клаузулата за задолжителен референдум за проширувањето на ЕУ, оставајќи ја одлуката за тоа како да се ратификува членството на една земја во ЕУ на францускуиот претседател Николас Саркози.
Но, француското собрание додаде фраза во уставниот реформски пакет, во која се вели дека референдумот треба да остане задолжителен за прифаќање на новите земји кои имаат поголемо население од 5 отсто од вкупната големина на ЕУ.
Набљудувачите сметаат дека овој текст намерно е насочен против членството на Турција во ЕУ. Францускиот државен секретар за европски работи, Жан-Пјер Жује, го критикуваше потегот како „навреда“ за Турција.
Комисијата на францускиот сенат за надворешни работи и одбрана, исто така, го критикуваше потегот и во четвртокот го отфрли амандманот.
Турција долго време ја повикува Франција да не ги блокира нејзините разговори со ЕУ, кои ги нарече клучен поттикнувач на големите реформи и националната трансформација. Претставниците на ЕУ, исто така, подвлекоа дека турското членство не е неизбежно, како и дека процесот е далеку од автоматски. Турција може да влезе во ЕУ само откако ќе ги исполни сите услови и ќе се хармонизира со европските принципи и право.