13/06/2008
Министрите за одбрана на НАТО во четвртокот постигнаа согласност за проширување на мисијата на КФОР за обука на новата армија на Косово.
(Eуопсервер - 13/06/08; AП, Ројтерс, АФП, ДПА, Дојче Веле, ББС - 12/06/08)
![]() „Денес се согласивме да спроведеме нови задачи на НАТО во Косово. Со оваа одлука НАТО ќе може да му помага на Косово во градењето на неопходните демократски безбедносни институции“, рече генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер. [Getty Images] |
Одлуката на министрите за одбрана на НАТО во четвртокот (12-ти јуни) го отвори патот за КФОР да започне со обука на новата армија на Косово, набргу откако в недела на сила ќе стапи уставот на новата независна држава.
„НАТО ќе го надгледува повлекувањето на Косовскиот заштитен корпус (КЗК) и ќе го надледува и поддржува формирањето и обуката на Косовските безбедносни сили (КБС), под цивилна контрола“, ДПА го цитираше генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп-Шефер, во Брисел.
Овој потег, истакна тој, ќе й овозможи на Алијансата да ги поддржи напорите на Косово за градење на неопходните демократски безбедносни институции.
Кога Косово прогласи независност од Србија на 17-ти февруари, премиерот Хашим Тачи ја потврди посветеноста на Приштина на предлогот за решение на поранешниот специјален претставник на ОН, Марти Ахтисари.
Планот предвидуваше, меѓу другото, распуштање на КЗК и формирање на КБС како мултиетнички, лесно вооружени сили, кои ќе бројат околу 2.500 припадници. Сепак, не се знаеше дали претставниците на малцинството на косовоските Срби се подготвени да се приклучат на силите, според портпаролот на НАТО, Џејмс Апатураи. Поддржана од Србија и Русија, заедницата и понатаму силно се спротивствавува на независноста на Косово.
Првично, КБС ќе се фокусираат на справувањето со кризи, цивилната заштита и расчистувањето мини, рече Де Хоп Шефер во четвртокот.
Целта на НАТО е да има сили од 1.200 припадници кои целосно ќе функционираат до крајот на оваа година, како што објави АП, цитирајќи неименувани дипломати.
Но, шпанските 636 војници во Косово нема да учествуваат во ангажманот на НАТО за обука на КБС, додека Романија и Словачка најверојатно ќе одлучат за ова прашање подоцна. Трите земји не ја признаваат независноста на Косово и инсистираат на тоа дека нивното учество во мисијата за обука би имплицирало де факто признавање.
Според договорот од четвртокот, ќе биде формиран специјален фонд за проектот на КБС надвор од општиот буџет на НАТО. Иако Шпанија ќе го задржи својот контингент во КФОР, во кои има вкупно 16.000 припадници, таа нема да обезбедува понатамошни финансии за мисијата.
Но, Турција ја блокираше предложената измена на оперативниот план на КФОР во врска со соработката помеѓу силите предводени од НАТО и ЕУЛЕКС, тврдејќи дека тоа ќе значи разменување чувствителни воени информации со Кипар, кој е член на ЕУ, но не и на Алијансата од 26 земји.
Набљудувачите веруваат дека ова би можело да донесе тешкотии за меѓународните напори во Косово.
Де Хоп Шефер, сепак, не искажа ваква загриженост. „Ние знаеме каде сме во односите помеѓу УНМИК и КФОР, и мисијата ЕУЛЕКС ќе има врска со УНМИК“, рече тој. „Но, еден командант на КФОР нема да остане настрана ако има итна ситуација и луѓето се изложени на зло: тоа мора да биде кристално јасно.“