10/06/2008
Бугарскиот премиер предупреди дека евентуалната негатива оценка на ЕК и санкциите би можеле да ги обесхрабрат реформите и да рашират политичка нестабилност.
(ФТ, Дневник, Медиапул, Europe.bg - 10/06/08; СНА, Дневник, Медиапул, Europe.bg, бугарска влада - 09/06/08; ББС - 07/06/08; Медиапул - 04/06/08; Tајмс - 23/05/08)
![]() „Задача на владата е да стори сé што мора да се направи. Сепак, ќе има и идни извештаи“, рече бугарскиот премиер Сергеј Станишев. [Getty Images] |
Бугарскиот премиер Сергеј Станишев во понеделникот (9-ти јуни) изрази надеж дека престојниот мониторинг извештај на Европската комисија (ЕК) за неговата земја ќе укаже на недостатоците, но ќе ги посочи и остварувањата.
Документот, кој се очекува на 16-ти јули, ќе биде втор оваа година. Во привремениот извештај во февруари, Брисел ја критикуваше Бугарија за неуверливите резултати во судските реформи и борбата против организираниот криминал и корупција.
Иако вети дека ќе преземе дејства, оваа балканска земја беше бавна во спроведувањето на потребните мерки. Сепак, таа формираше Државна агенција за национална безбедност, за помош во справувањето со организираниот криминал. Друг чекор беше назначувањето во април на поранешниот амбасадор на Софија во Германија, Меглена Плугчиева, за вицепремиерка задолжена за надгледување на искористувањето на фондовите на ЕУ.
Таа стана дел од владата за време на големата владина реконструкција, во која министрите за здравство, земјоделство и одбрана, како и министерот за внатрешни работи, Румен Петков, беа заменети. Овој потег уследи по скандалот во кој Петков, висок член на Бугарската социјалистичка партија (БСП) на Станишев, и неколку други официјални претставници на министерството, беа поврзани со лица осомничени за организиран криминал.
Министерот за регионален развој и јавни работи, Асен Гагаузов, беше поштеден, иако стана јасно претходно оваа година дека шефот на агенцијата за патишта му доделил договори вредни околу 50 милиони евра, на својот брат.
Сомневањата за евентуална измама во користењето на фондовите на ЕУ ја поттикна ЕК да замрзне околу 400 милиони евра помош за Бугарија. Брисел, исто така, й даде на Бугарија рок до 16-ти јуни да направи 25 подобрувања во начинот на кој управува со парите на даночните обврзници на ЕУ.
Евентуален негативен извештај на ЕК би можел да доведе до понатамошни санкции, вклучително и непризнавање на одлуките на бугарскиот суд од страна на другите членки на ЕУ.
Во интервјуто за британскиот весник Фајненшал тајмс (ФT), објавено во вторникот (10-ти јуни), Станишев рече дека казнувањето на неговата земја би можело „да му наштети на реформскиот процес“ и да рашири политичка нестабилност. Опозициските партии се заканија дека ќе извршат притисок за соборување на коалициската влада предводена од БСП и предвремени избори ако извештајот следниот месец иницира санкции.
„Потребно е време за да се воведат овие нови европски стандарди“, рече Станишев. „Ако ја споредите Бугарија со Шведска, Холандија или Британија, ќе видите сé уште голем број проблеми ... но [овие земји] имаат стотици години демократија.“
„Ние имаме 20 години зад нас, и, за тој период, она што го постигнавме претставува револуција“, додаде тој.