03/06/2008
Кандидатите ќе поминат низ втор круг на 15-ти јуни откако изборите во неделата дадоа само неколку градоначалници.
Од Валентина Поп за Southeast European Times во Букурешт - 03/06/08
![]() Во најголемите романски градови -- со исклучок на Констанца и Клуј-Напока, никој не освои градоначалнички мандат во првиот круг. [Габриел Петреску] |
Локалните избори во неделата (1-ви јуни) во Романија поминаа со низок одѕив на гласачите -- помалку од 50 отсто од граѓаните со право на глас излегоа на гласање -- пет процентни поени помалку од одѕивот во 2004 година. Околу 18 милиони луѓе можеа да гласаат за 3.200 градоначалници, 40.000 членови на окружните совети и 41 претседател на окружните совети.
Изборите беа без преседан поради тоа што оваа „прва генерација на европски локални претставници“, според зборовите на претседателот Трајан Башеску, ќе управува со вкупно 20 милијарди евра од фондовите на ЕУ од 2007 до 2013 година. Романија ќе ги добие овие средства за локалните, регионалните и националните проекти, со цел затворање на социјалната и инфраструктурната празнина помеѓу новите членки на ЕУ и постарите земји-членки.
Одѕивот во Букурешт беше многу низок, при што само 31 отсто од граѓаните со право на глас учествуваа на изборите, и покрај тоа што политичките и финансиските добивки се најверојатно највисоки од целата држава. Набљудувачите сметаат дека овој градоначалнички мандат претставува потенцијална отскочна штица за претседателската функција, како што беше за Башеску, кој од градоначалник стана претседател во 2004 година.
Деветнаесет кандидати се бореа за функцијата. Кандидатот на Демократско-либералната партија (ПДЛ) Василе Блага -- кој доби 30,9 отсто од гласовите -- и независниот кандидат Сорин Опреску -- кој доби 30,7 отсто -- ќе се соочат во вториот круг на 15-ти јуни.
Независната кандидатура на Опреску предизвика контроверзност од самиот почеток, кога тој ја напушти Социјалдемократската партија (ПСД) откако не успеа да обезбеди номинација.
По оставката, Опреску не успеа да обезбеди доволно потписи за петиција за да се кандидира за независен. На крајот Апелациониот суд донесе пресуда дека може да се кандидара. Печатот подоцна откри дека некои од неговите наводни потписници на петицијата никогаш не чуле за Опреску или дека се деца.
Во другите големи градови -- со исклучок на Констанца и Клуј-Напока -- ниту еден градоначалнички кандидат не победи во првиот круг. Во Констанца членот на ПСД Раду Мазаре освои уште еден мандат со околу 63 отсто од гласовите. Во Клуј-Напока кандидатот на ПДЛ, Емил Боц, беше реизбран со 75 отсто од гласовите.
Серија нерегуларности и насилни инциденти се случија во помалите градови, каде што некои политичари наводно се обиделе да купат гласови. Анамарија Моснеагу, извршен директор на Продемократското здружение, романска невладина организација која имаше свои набљудувачи на избирачките места, ги наведе сомневањата дека изборите чинеле помеѓу 800 и 1.000 евра, особено во областите со големи економски интереси, според извештаите на ББС.
Во друг инцидент за кој беа објавени извештаи, стотици луѓе се собрале пред едно локално избирачко место во Стефанести, во непосредна близина на Букурешт, тврдејќи дека некој им ветил 300 евра ако гласаат за еден кандидат. Околу 4.000 регистрирани гласачи во Стефанести гласаат во две изборни единици. Во понеделникот министерот за внатрешни работи, Кристијан Давид, вети истрага, велејќи дека постои „реален доказ дека гласањето било под влијание“.