29/05/2008
ЕУ стави акцент на реформите на судството во Турција на состанокот во вторникот во Брисел. Случајот против владејачката АКП и евентуалните отворања поглавја, исто така, се најдоа на агендата.
Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 29/05/08
![]() Турскиот министер за надворешни работи, Али Бабаџан (лево), и комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, присуствуваа на состанокот во вторникот (27-ми мај). [Getty Images] |
ЕУ повторно го критикуваше случајот на затворање поднесен против владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) и повика на сеопфатни реформи во судството, кое беше критикувано дека дејствува со политичка мотивираност.
„Доброфункционирачко судство е од суштинска важност за сите земји-кандидатки [на EУ]“, рече комесарот за проширување, Оли Рен, во вторникот (27-ми мај) во Брисел, по 46-тиот состанок на Заедничкиот совет на ЕК и Турција.
Состанокот се одржа во време на зголемени тензии помеѓу исламистичката турска влада и секуларното судство. Турскиот Уставен суд се очекува да донесе одлука следниот месец за обвиненијата дека АКП го поткопува секуларизмот на државата.
Неодамнешното соопштение на Врховниот апелационен суд, во кое остро се критикува владата за серија активности, меѓу кои и тоа што даде дозвола студентките да носат шамии на универзитетите, печатот го прогласи за „судски меморандум“.
Осудувајќи го случајот за затворање на конзервативната партија АКП, Рен повика на пресуда во согласност со демократските принципи и владеењето на правото. ЕУ верува дека судството излегува од својата уставно дефинирана улога, но ја повика владата да ја почитува судската независност и да избегнува провоцирање нови тензии.
„Го охрабруваме продолжувањето на дијалогот помеѓу владата и судството, во парламентот и граѓанското општество воопшто, за обезбедување широк консензус за реформите за [EУ]“, рече Рен.
Во рамките на своите заложби да ја охрабри Анкара за заживување на нејзините политички и економски реформи, ЕУ објави дека планира да отвори две нови поглавја од разговорите за пристапување -- за корпоративното право и интелектуалната сопственост. Рен рече дека преговорачите би можеле да отворат уште седум нови поглавја ако Турција ги исполни своите услови.
Противењето на Франција во понеделникот да се употребува зборот „пристапување“ -- што значи целосно членство во Унијата за Турција -- предизвика бурна реакција од страна на турскиот министер за надворешни работи, Али Бабаџан, кој се закани дека ќе го бојкотира состанокот на Здружениот совет на ЕК и Турција. Повлекувањето на Турција во последен момент во вторникот ја спречи можната криза.
Бабаџан ги критикуваше потезите на Франција и рече дека тие ги поткопуваат изгледите на Турција за полноправно членство, велејќи: „Ако ја отстраните [целта на членство] во Турција ќе се покрене дебата каде не водат тековните преговори “, рече тој. Поддршката во Турција за членството во ЕУ продолжува да опаѓа. Во 2004 година 75 отсто од граѓаните ги поддржуваа напорите. Таа бројка падна на 49 отсто во последната анкета на Евробарометар.
Tурција мора да ги заврши своите 35 поглавја од разговорите со ЕУ за да добие членство. Таа ги започна разговорите за пристапување во ЕУ во 2005 година, но во последните три години, отвори само шест поглавја. Долготрајниот спор со Кипар и противењата да й се понуди полноправно членство во ЕУ од страна на францускиот претседател Николас Саркози го одложуваат процесот.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's