Европскиот парламент повика на демократски консензус во Турција

26/05/2008

Додека расправијата помеѓу владата со исламски корени на АКП и секуларното судство ја усложнува политичката криза во Турција, Европскиот парламент (ЕП) се вмеша и ги повика двете страни да се воздржат од какви било контроверзни потези.

Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 26/05/08

photo

ЕП го усвои Извештајот за напредокот на Турција за 2007 година минатата недела. [Getty Images]

Во извештајот минатата недела Европскиот парламент (ЕП) ја повика турската влада со исламски корени и секуларната опозиција да постигнат консензус и да ги почитуваат демократските принципи за да избегнат подлабока политичка криза.

Во клучниот извештај, усвоен во средата (21-ви мај), се изразува загриженост и во врска со случајот на затворање на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП). ЕП апелираше до највисокиот турски суд да го почитува владеењето на правото, европските стандарди и принципите за затворање на политичките партии.

Тензиите околу, како што се смета, заканата за секуларизмот се разгоруваат одвреме-навреме откако партијата на премиерот Реџеп Тајип Ердоган дојде на власт во 2002 година. Минатата година, кога АКП го номинираше Абдула Ѓул за претседател, турската војска предупреди дека ќе го брани секуларизмот по секоја цена. Но, убедливата победа на предвремените избори во јули 2007 година й даде на АКП силен мандат од гласачите, и Ѓул беше повторно номиниран и избран.

Во март оваа година главниот турски обвинител поднесе барање за затворање на партијата, обвинувајќи ја дека го поткопува секуларниот карактер на државата. Судската парница сега се наоѓа пред Уставниот суд, каде што 8 од вкупно 11 судии се назначени од убедениот секуларист и претходник на Ѓул, Ахмет Неждет Сезер.

Конфликтот помеѓу Анкара и нејзиното судство се интензивираше минатата недела, кога Врховниот апелационен суд ја обвини владата дека врши притисок врз судиите и се обидува да ги поткопа фундаменталните секуларни принципи на републиката. АКП ги отфрли тврдењата дека спроведува скриена агенда за исламизација и се опиша себеси како „конзервативна демократска“ партија.

Во својот Извештај за напредокот на Турција за 2007 година, кој ЕП го одобри со 467 наспрема 62 гласа, парламентот ја потврди загриженоста за секуларизмот. Но, истиот инсистира на тоа дека нема друга опција освен демократијата за решавање на актуелниот ќор-сокак и придвижување на процесот на интеграција на Турција во ЕУ.

„[Ние] ја охрабруваме турската влада да вложи понатамошни систематски напори за да загарантира дека демократски избраното политичко раководство ја сноси целосната одговорност за формулирањето на домашната, надворешната и безбедносната политика“, рекоа европарламентарците.

Во извештајот, исто така, се изразува поддршка за новиот „граѓански устав“, кој се опишува како значајна можност за вградување на човековите права и фундаментални слободи во самата суштина на уставот.

Комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, силен поддржувач на процесот на членство на Турција во ЕУ, се обрати пред европарламентарците и изрази надеж дека Турција ќе ја надмине кризата. Тој побара „да започне искрен политички дијалог во Турција и да се почитуваат демократијата и секуларизмот“.

Во изврштајот, исто така, се повикува Анкара да ја зајакне слободата на изразувањето, да ги загарантира правата на немуслиманските малцинства и да им даде поголеми права на жените.

Покрај ова, европарламентарците ја повикаа Турција да најде трајно решение за курдскиот проблем.

„Тоа може да се постигне само со реални подобрувања на културните, економските и социјалните можности ... како и со вистински можности за изучување на курдскиот јазик во државниот и приватниот школски систем и негова употреба во радиотелевизиските програми, во секојдневниот живот и во пристапот до јавните служби“, се вели во истиот. ЕП препорача прокурдската Партија на демократско општество (ДТП) да се дистанцира себеси од ПКК и да побара мирно курдско решение во рамките на демократската турска држава.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading