16/05/2008
Бугарија и Хрватска ги подобрија своите рејтинзи на конкурентноста, според новото годишно истражување на 55 светски економии.
(HotNews.ro - 16/05/08; ХИНА, АНА-МПА, АП - 15/05/08; Меѓународен институт за развој на менаџметот, Ројтерс, Софија ечо, СНА, Центар за истражување на демократијата - 14/05/08)
![]() Светскиот годишен извештај за конкурентноста е најпознат и најсеопфатен годишен извештај за конкурентноста на земјите. [ВЦЈ] |
Бугарија и Хрватска се единствените две земји помеѓу петте земји од Југоисточна Европа (ЈИЕ) вклучени во годишното истражување за конкурентноста, објавено во четвртокот (15-ти мај), што го подобрија својот рејтинг.
Годишниот извештај за конкурентноста за 2008 година, објавен од страна на Меѓународниот институт за развој на менаџментот (ИМД), водечко бизнис училиште со седиште во Швајцарија, покажува дека Хрватска го зголеми за четири степени својот рејтинг и стигна на 49-тото место помеѓу 55 национални економии.
„Хрватска е помеѓу 50-те најконкурентни земји во светот и тоа подобрување на нашата позиција претставува реалистична слика на проценката за конкурентноста“, новинската агенција ХИНА го цитираше шефот на Националниотт совет за конкурентност на земјата, Дарко Маринац, во четвртокот.
Тој, сепак, предупреди дека и покрај очиглениот напредок на земјата, нема простор за самозадоволство, бидејќи сите членки на ЕУ, вклучително и Бугарија и Романија, сé уште водат пред Хрватска.
„Ова е друштвото со кое мораме да се споредиме ако сакаме да бидеме рамноправни членки на ЕУ за две години“, рече Маринац, истакнувајќи ја потребата за понатамошни реформи во голем број области, како што е намалувањето на невработеноста, понатамошниот развој на пазарот и зајакнувањето на менаџерскиот сектор.
ИМД ја испитува глобалната конкурентност на земјите според 331 критериум групирани во четири главни факори: економски остварувања, владина ефикасност, бизнис ефикасност и инфраструктура.
Соединетите Држави се на врвот од ранг-листата на ИМД веќе 15 години по ред. Другите пет високопласирани земји се Сингапур, Хонг Конг, Швајцарија и Луксембург.
Бугарија, која е вклучена во скалата на конкурентност на ИМД веќе три години по ред, имаше најдобар рејтинг помеѓу петте земји од ЈИЕ, меѓу кои се најдоа и Грција, Романија и Турција, покрај Хрватска. Таа се придвижи за пет места нагоре, на 39-тото, помеѓу Унгарија (38-ма) и Филипините (40-ти).
Во поглед на четирите главни фактори што го одредуваат рејтингот на земјите, Бугарија постигна најдобри резултати во владината ефикасност, придвижувајќи се за девет места погоре за една година, на 29-тото место. Нејзин најлош резултат беше бизнис ефикасноста. Иако Бугарија се придвижи за шест места погоре, на 48-мото место за овој конкретен фактор, извештајот покажа дека таа сé уште заостанува во некои области, како што е спроведувањето на етничките корпоративни практики и гарантирањето дека повисоките менаџери добиваат генерално значајно меѓународно искуство.
Помеѓу другите земји од ЈИЕ, Турција го задржа 48-мото место, додека Романија падна за едно место, на 45-тото.
Грција, пак, падна за шест места, на 42-рото. Нејзиниот најлош резултат беше во владината ефикасност, во која падна за 16 места, на 46-тото, според АНА-МПА, грчката државна новинска агенција. Таа постигна најдобар резултат во инфраструктурата, пласирајќи се на 35-тото место, едно место подолу од минатата година.
Словенија и Полска постигнаа најголем напредок, качувајќи се за осум места нагоре, на 32-рото и 44-тото.
Венецуела се наоѓа на последно место веќе три години по ред, заостанувајќи зад Украина (54-та) и Јужна Африка (53-та).